Иако се релативно ново име на македонската музичка сцена, „Форца Бенд“ за само една година станаа омилени кај публиката со својата енергија, динамика и позитивна атмосфера. Составени од шест членови, од самиот почеток работат како силен тим, создавајќи незаборавни моменти на секоја забава.
Неодамна, во соработка со Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија, „Форца Бенд“ снимија низа кавер песни кои наскоро ќе бидат емитувани. За време на снимањето, велат дека доживеале исклучителна атмосфера – исполнета со смеа, инспирација и чиста музичка магија.

„Одлучивме да снимиме кавер песни затоа што тие носат посебна емоција и веднаш создаваат врска со публиката. Сакавме да дадеме ново руво на добро познати хитови, но во нашиот стил“, велат од „Форца Бенд“. Во нивниот најнов проект ги обработија песните „Весела сум свекрва“, „Џумбуш“, „Во недела свадба правам“, „Доста време ерген одев“ и „Четири месеци“, носејќи свежина и уште повеќе енергија во македонската свадбарска музика.
Додека сите со нетрпение го очекуваме излегувањето на овие кавери, „Форца Бенд“ најавуваат нови проекти во блиска иднина – продолжување со снимање на нови кавери и музички сплетови, но и работа на авторски песни со кои сакаат да изградат уникатен музички печат. Покрај тоа, размислуваат и за учество на некои од најзначајните музички фестивали во Македонија, со што ќе ја заокружат својата визија за музички раст и успех.