Почетна > Македонија > Спуштена завесата на „Охрид Фест 2026“ – познати победниците на Фолк и Интернационалната поп вечер (Фото)

Спуштена завесата на „Охрид Фест 2026“ – познати победниците на Фолк и Интернационалната поп вечер (Фото)

///
Comments are Off

Со две незаборавни фестивалски вечери исполнети со музика, емоции и илјадници аплаузи, спуштена е завесата на 33. издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“. И оваа година сцената на Долни Сарај уште еднаш потврди зошто повеќе од три децении е симбол на најголемиот летен музички спектакл во Македонија и едно од најпрепознатливите фестивалски случувања во регионот.

Фестивалот започна со традиционалната Фолк вечер, на која беа претставени нови композиции инспирирани од македонската музичка традиција и препознатливиот охридски мелос. Публиката имаше можност да ужива во настапите на искусни музички имиња, но и на новата генерација изведувачи кои успешно ја продолжуваат фестивалската приказна. Најголемите симпатии од публиката ги освоија Анета Љумаковска и „Анета бенд“, кои со песната „Срцево те бендиса“ ја понесоа победата на Фолк вечерта. Втората награда од публиката му припадна на Бобан Зафировски за „Охрид ќе полуди“, додека трет беше Петар Нечовски со „Муабет без крај“.

Стручното жири за најдобра композиција ја прогласи „Нема вино што болката ја лечи“ во изведба на Милован Секуловски и Група Сарај, втората награда ја доби Перо Христов за „После тебе“, а третата Ивана Серафимова со „Доста е“. Наградата за најдобар дебитант ја освои Ангела Влинтовска, признанието за интерпретација ѝ припадна на Блага Петреска, додека песната „Цвет среде зима“ на Мирко Вратоски беше прогласена за најтрубадурска композиција. Наградата „Аце Ангелески“ ја доби Лазе Секуловски, а признанието од акредитираните новинари му припадна на Нино Величковски.

Втората фестивалска вечер беше во знакот на современиот поп звук и интернационалниот карактер на фестивалот. Победник според гласовите на публиката стана Милан Бујаковиќ од Србија со песната „Срце лава“, додека Наталија Данаилова со „Биди свој“ и Валдера со „Скршено стакло“ ги освоија второто и третото место. Стручното жири највисоко ја оцени композицијата „Дур постојам“ на Стефан Спироски, второто место му припадна на Димче Ангелески за „Кула од карти“, а третото на Стеван Феди за „Касно схватам“, кој беше награден и за најдобра интерпретација.

Меѓу останатите признанија, Срѓан Марјановиќ и Брано Ликиќ ја добија наградата за најдобар дует, Стефан Петановски за најдобар аранжман, а Немања Ѓорѓевиќ за најдобар текст и наградата „Долни Сарај“. За најдобар сценски настап беше награден Стефан Спироски, Elma Oria беше прогласена за најдобар дебитант, додека признанието од акредитираните новинари им припадна на Јуле и Баже Маротови.

Посебен момент на фестивалот беше доделувањето на признание за успешна 50-годишна телевизиска кариера на легендарната Сузана Манчиќ. Наградата за најуспешна композиција по избор на Naxi Radio ја освои Марија Наумовска со песната „Вечерва“, додека признанието за најтрубадурска песна му припадна на Ален Роси за „Сидро љубави“.

По триумфот, Милан Бујаковиќ порача дека Македонија ја чувствува како своја втора татковина, истакнувајќи дека секогаш со голема радост настапува пред македонската публика. Со завршувањето на годинешното издание, „Охрид Фест – Охридски трубадури“ фестивалскиот тим и организација уште еднаш покажаа дека остануваат верни на својата мисија – да создаваат нови песни, да откриваат нови музички имиња и „Охрид Фест“ да биде место каде што традицијата и современиот звук успешно се спојуваат. Заврши уште едно успешно фестивалско поглавје, а новите композиции отсега го започнуваат својот живот надвор од фестивалската сцена, оставајќи траен белег во македонската и регионалната музичка продукција.

ПР тим на „Охрид Фест“

Може да ви се допаѓа и
Александар Ицов повторно во студио – наскоро ново музичко изненадување (Фото)
Исповед што ја потресе естрадата: Гоце Димовски проговори за неправдите по 35 години кариера (Фото)
Дали Гоце Димовски се повлекува од музиката? Одлука што ја потресе македонската музичка јавност (Фото)
Давор Јордановски најавува модерно издание на Интернационалната вечер на „Охрид Фест 2026“: „Не ги копираме светските трендови“