Почетна > Македонија > Успешно одржано првото издание на „Фолк Фест Владимирово“ (Фото)

Успешно одржано првото издание на „Фолк Фест Владимирово“ (Фото)

///
Comments are Off

По цела година макотрпна подготовка, вложен труд, страст и љубов кон македонската народна музика, на 29-ти мај 2025 во Домот на културата „Ванчо Чавдарски“ во село Владимирово, се одржа првото и ревијално издание на „Фолк Фест Владимирово“ – фестивал кој уште од првиот чекор покажа дека има потенцијал да стане нова музичка институција на македонската сцена.

На покана од маестро Горан Алачки, утрото на 28-ми мај заедно со дел од фестивалската екипа нашата екипа беше поканета и се упативме кон Владимирово. По пријатно патување од околу два часа, бевме пречекани од организаторите Горан Алачки и Марина Дојчиновска, со срце отворено како источниот дел од Македонија што отсекогаш знаел да пречека гостин.

По утринското кафе и кратка прошетка низ мирното и убаво село, се одржа и првата генерална проба. Дел од учесниците ги изведоа своите песни пред мал круг присутни, но и пред љубопитните мештани. Особено емотивен момент беше најавата дека поради смртен случај, пејачката Виданка Ѓоргиева нема да настапи, а нејзината песна ќе ја испеат Ленче Кукиќ, Зуица Лазова и Жаклина Узунова со поддршка од сите изведувачи.

Преноќувањето беше организирано во Берово, а фестивалската екипа ја искористи приликата да го посети градскиот музеј и културно-историските знаменитости. Утринското кафе во кафулето „Гого“ стана неформално собиралиште пред големиот ден.

Како што налага традицијата, фестивалот започна со свечено добредојде – млади девојчиња со домашен леб и сол на влезот од Домот на културата. Сцената блескаше, салата беше полна, камерите на МРТ позиционирани, а оркестарот подготвен.

Фестивалот започна со химната на „Фолк Фест Владимирово“, а првиот кој ја доби честа да настапи беше Драган Мијалковски со песната „Тука сум роден јас“, која предизвика бран емоции. Потоа следуваа настапите на:

  • Круме Спасовски со „Мирна река“
  • Зуица Лазова со „Срце предавник“
  • Горан Кукиќ со „Голем мерак имам јас“
  • Жаклина Узунова со емотивната „Заскогаш“, проследена со солзи

Публиката со громогласен аплауз ја поздрави и Ленче Кукиќ со веселата „Ракија се пече“, како и настапите на:

  • Наум Петрески – „Горо ле горо“
  • Ванчо Тарабунов – „Јован делија“
  • Нино Величковски – „Старата ламба“
  • Перо Христов – „Љиљано моја“

Како круна на вечерта, композицијата „Наша Македонија“ беше изведена во чест на Виданка Ѓоргиева од Ленче Кукиќ, Зуица Лазова и Жаклина Узунова, со поддршка на сите учесници. Сето тоа беше музички симбол на заедништво, љубов и сплотеност.

Многумина од присутните новинари коментираа дека „Фолк Фест Владимирово“ потсетува на златните времиња на „Фолк Фест Валандово“. Можеби ова е почеток на ново, искрено, органско враќање на македонската фолк музика таму каде што и припаѓа – до срцето на народот.

Со силни емоции, аплаузи и љубов, заврши првото издание на фестивалот. Една врата е отворена. Една нова страница во македонската музичка историја е напишана. И сигурни сме – ова е само почеток.

Текстот го подготви: Балкан Мјузик ТВ

Може да ви се допаѓа и
Музика, емоции и семејна топлина во новото издание на „На Здравје“ на Балкан Мјузик Телевизија (Видео)
Измина уште една одлична епизода на „На Здравје“ со македонските музички гордости
Сергеј Ќетковиќ приреди две одлични магични вечери во центарот на Скопје
Оливер повторно пее: „Dolaziš“ – нов албум со 12 неиздадени бисери (Видео)