Триесет и три години „Охрид Фест – Охридски трубадури“ создава музички спомени, раѓа хитови и испишува едни од најзначајните страници од македонската музичка историја. И ова лето, на 26 и 27 август, сцената на Долни Сарај повторно ќе биде центар на најголемиот музички спектакл во земјава, обединувајќи ја традицијата, современата музика и најголемите имиња од Македонија и регионот.
Фестивалот традиционално започнува на 26 август со Вечерта на македонската фолк музика, посветена на песната што ги чува македонските корени и традиција. Пред охридската публика ќе настапат: Перо Христов, Кате Брезева и група Соната, Елена Андоновска, Мишко Крстевски, Смиља Митревска, Благица Калева, Горан Тодоровски, Анета Љумаковска и Анета Бенд, Драган Николовски – Даце, Петар Нечовски, Ивана Серафимова, Ангела Влинтовска и многу други, кои ќе ги претстават своите најнови композиции.






Веќе следната вечер, 27 август, следува долгоочекуваната Интернационална поп вечер, која и годинава носи вистински балкански музички спектакл. На сцената ќе настапат легендарните Владо Калембер и „Сребрени крилја“, Принцот од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ, Валдера, Броз и Марама, дует Моротови, Биба Додева, Ана Петановска и уште многу домашни и регионални изведувачи, додека организаторите најавуваат и специјални музички гости чии имиња дополнително ќе бидат откриени.




Посебна тежина на фестивалот и оваа година му дава директниот телевизиски пренос на Македонската радио-телевизија, со што фестивалската атмосфера од Охрид ќе стигне до гледачите низ целата држава. Програмата ќе биде емитувана и на повеќе реномирани телевизии од регионот, меѓу кои Хајп телевизија од Србија, Телевизија Црна Гора, Хајат телевизија од Босна и Херцеговина и CMC телевизија од Хрватска, а во тек се разговори за приклучување и на Балканика од Бугарија.
Низ фолк вечерта публиката ќе ја води Ирена Спировска, додека домаќинка на Интернационалната вечер повторно ќе биде Марјана Станојковска.


Во своето повеќедецениско постоење „Охрид Фест – Охридски трубадури“ прерасна во еден од најпрепознатливите музички брендови во регионот. Фестивалските вечери биле следени од повеќе од 210 милиони гледачи, програмата се емитувала во околу 50 држави, а на сцената настапиле уметници од 37 земји, што го прави фестивалот еден од најзначајните културни амбасадори на Македонија.
„Токму затоа ги отвораме вратите за сите охриѓани, но и за бројните туристи кои во тој период ќе престојуваат во градот. Влезот е слободен и сите се добредојдени да бидат дел од оваа музичка приказна“, истакнува директорот на фестивалот Григор Копров.

Тој додава дека со долгогодишното искуство и посветеноста на целиот тим, годинава публиката ја очекува уште едно силно фестивалско издание исполнето со квалитетни песни, легенди од екс-ју сцената, докажани домашни уметници, гости од странство и нови музички таленти. Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на изненадувањата, а во наредниот период ќе бидат објавени и останатите учесници и специјални гости.
И по 33 години, „Охрид Фест – Охридски трубадури“ останува верен на својата мисија – да биде мост меѓу традицијата и современоста, меѓу легендите и новите музички имиња, создавајќи спомени што остануваат. Овој август, сите музички патишта повторно водат кон Охрид.






