Почетна > Македонија > Љупчо Соколовски открива што ја очекува публиката на Фолк вечерта: „Фолк вечерта на „Охрид Фест“ носи внимателно избрана програма“

Љупчо Соколовски открива што ја очекува публиката на Фолк вечерта: „Фолк вечерта на „Охрид Фест“ носи внимателно избрана програма“

///
Comments are Off

Со повеќе од три децении традиција зад себе, „Охрид Фест – Охридски трубадури“ и годинава останува верен на својата мисија – да создава нови македонски песни што ќе живеат долго по фестивалските вечери. Токму тоа е и визијата на уметничкиот директор на Фолк вечерта, Љупчо Соколовски, кој најавува програма во која квалитетот повторно бил единствениот критериум.

Во разговор за фестивалот, Соколовски открива дека селекцијата на композициите била направена според мелодијата, текстот, аранжманот и целокупната музичка идеја, со цел публиката да добие разновидна програма во која секој ќе пронајде песна што ќе ја понесе дома.

Посебен акцент годинава е ставен и на младите изведувачи. Според него, „Охрид Фест“ отсекогаш бил место каде што новите музички имиња добиваат можност да се докажат пред широката публика, а токму затоа и оваа година тие ќе настапат заедно со докажани фолк ѕвезди. Ваквиот спој на искуство и нова енергија, смета Соколовски, е најдобриот рецепт за создавање нова генерација квалитетни македонски пејачи.

Иако фестивалот останува доследен на својата препознатлива традиција, публиката ќе добие и современ музички пристап. Во програмата ќе има разновидни композиции, модерни аранжмани и интерпретации кои, како што најавува уметничкиот директор, ќе понудат вистинско музичко доживување без да се изгуби автентичниот македонски фолк звук.

Соколовски признава дека денес, во време на огромна музичка продукција и брзо консумирање содржини, многу потешко е една песна да остане актуелна со години. Сепак, уверен е дека меѓу овогодинешните композиции има неколку кои имаат потенцијал да станат траен дел од македонската фолк ризница.

„Последниот збор секогаш го има публиката. Таа е таа што одлучува кои песни ќе продолжат да живеат“, порачува Соколовски.

Фолк вечерта на 33. издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“ ќе се одржи на 26 август на сцената „Долни Сарај“, каде публиката ќе има можност прва да ги слушне новите композиции кои ќе конкурираат да станат следните македонски фолк хитови.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
По емотивната „Имам се“, Стефан Величковски изненади со летната „Карта“ – песна што ќе ви остане во глава (Фото+Видео)
Скандал на концертот на Дино Мерлин: Илјадници останаа надвор, публиката скандираше „Дино, крадецу!“ (Видео)
Елена Андоновска со голем концерт во чест на Васка Илиева: „Од Македонија во туѓина“ на 4 август во Охрид (Фото)
Историски момент: По 35 години ПГП РТС повторно објави албум на македонски уметник – „Балкански жубор“ на Проф. д-р Јове Кекеновски (Фото)