Почетна > Македонија > Вања Лазарова – Гласот што го воодушеви светот, но беше заборавен дома (Фото+Видео)

Вања Лазарова – Гласот што го воодушеви светот, но беше заборавен дома (Фото+Видео)

///
Comments are Off

„Имав една голема желба која не ми се оствари. Многу сакав да запеам пред Јосип Броз Тито. Но, животот ми овозможи да настапувам пред многу државници, аристократи и пред личности кои ја одбележаа светската историја“. Со овие зборови, во едно од своите ретки интервјуа во 2010 година, легендарната македонска пејачка Вања Лазарова откри дека и покрај богатата меѓународна кариера, во срцето носела една неисполнета желба.

Нејзиниот живот беше исполнет со настапи какви што малкумина македонски уметници доживеале. Еден од највпечатливите бил во Лондон, во прочуениот „Ројал Алберт Хол“, каде што заедно со ансамблот настапила пред британската кралица Елизабета Втора и пред Винстон Черчил.

„По концертот нè чекаше публика која бараше автограми, а весниците беа полни со пофални зборови за нашиот настап и за македонскиот фолклор“, се присетуваше таа.

Во повеќе од шест децении музичка кариера, Вања Лазарова остана доследна на македонската народна песна. Со својот автентичен и неповторлив глас ја претставуваше Македонија речиси на сите континенти, оставајќи силен впечаток кај светската публика и промовирајќи го македонското музичко наследство.

Но, зад аплаузите и светските турнеи се криеше и една тажна животна приказна. Во 2014 година јавноста дозна дека една од најголемите македонски музички легенди живее во дом за стари лица со пензија од само 8.000 денари. Веста предизвика бурни реакции, а беше покрената и петиција со која се бараше државата да ѝ додели национална пензија. Истата година таа ја доби највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата, како и национална пензија од Министерството за култура, со што конечно доби дел од признанието што одамна го заслужуваше.

Во 2015 година беше промовиран и документарниот филм „Вања: Со маки сум се родила“, во режија на Синиша Евтимов, кој преку архивски снимки, сведоштва и лични приказни го прикажува животниот пат на жената што стана симбол на македонската народна песна.

Вања Лазарова почина во 2017 година, но зад себе остави бесценето музичко богатство. Нејзиниот глас и денес останува едно од најпрепознатливите обележја на македонската традиционална музика – глас кој ги освојуваше најголемите светски сцени, но никогаш не ја изгуби својата едноставност, скромност и љубов кон татковината.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Вечер исполнета со безвременски хитови: Нова епизода од омилениот музички серијал „На Здравје“ и оваа недела на Балкан Мјузик (Видео)
Еден концерт, два јубилеја – 50 години живот и ново поглавје во кариерата на Бобан Цаневски (Фото)
Нов музички проект кој ги чува корените: Започнува серијалот „АМАНЕТ“ со Дамјан Стојаноски (Фото)
Поминаа 50 години, а Македонија сè уште го слуша гласот на Никола Бадев