Во недела, 19-ти октомври, додека целата земја со нетрпение ги очекува резултатите од најновите локални избори во Македонија, гледачите на Балкан Мјузик Телевизија ќе имаат сосема поинаков и многу повесел избор – нова доза музика, насмевки и вистинска македонска атмосфера во новата трета епизода од најгледаниот музички серијал во Македонија – „На Здравје“.
Во духот на добро познатата македонска традиција, и овојпат во волшебниот амбиент на „Македонско село“, сместено на живописните падини на Водно, ќе се соберат најголемите ѕвезди на македонската фолк сцена. Под отворено небо, меѓу звуците на тапан, кларинет и хармоника, ќе одекнуваат најубавите песни што ја слават македонската душа, љубов и радост.
Нашиот добро познат водител Орде Неделковски и овојпат ќе биде домаќин на оваа незаборавна музичка дружба, исполнета со многу песна, хумор, емоции и позитивна енергија. Ќе пееме, ќе се смееме, ќе уживаме во убавината на македонската песна и обичај, како што само ние знаеме – со срце и со душа.
Публиката ќе ужива во изведби на најубавите македонски народни песни, во живи настапи исполнети со емоција, срце и душа, токму како што доликува на серијал кој со години важи за симбол на домашната музичка традиција и убавина.
Додека многумина ќе го следат политичкиот ритам на изборната ноќ, „На Здравје“ ќе донесе сосема поинаков пулс – оној на музиката, пријателството и семејната атмосфера, која веќе години наназад го прави овој проект најомилен викенд-термин за илјадници гледачи низ Македонија и дијаспората.
Како и секогаш, емисијата е луксуз и привилегија за сите љубители на македонската песна, бидејќи секој настап, секој збор и секоја отпеана песна во „На Здравје“ носи автентична енергија и дух кој не може да се најде на друго место.
Затоа, во недела точно во 20:00 часот, пуштете ја Балкан Мјузик Телевизија, направете си добро друштво и уживајте – најдоброто друштво е токму таму, во новата епизода на „На Здравје“!
Текстот го подготви: Иван Јосимовски