Почетна > Македонија > Фолк легендата Миле Кузмановски со голем јубилеен концерт во МОБ – 35 години музика и емоции

Фолк легендата Миле Кузмановски со голем јубилеен концерт во МОБ – 35 години музика и емоции

///
Comments are Off

Во пресрет на новогодишните празници, на 24-ти декември, познатиот фолк-пејач Миле Кузмановски ќе одржи свечен јубилеен концерт во Македонската опера и балет (МОБ), со кој ќе ја одбележи својата импресивна 35-годишна музичка кариера. Настанот ветува вечер исполнета со емоции, спомени и незаборавни хитови што го одбележаа времето.

Кузмановски, кој зад себе има повеќе од 130 снимени песни, ќе биде придружуван од камерен оркестар, што на концертот ќе му даде посебна уметничка димензија и елеганција.

„Времето летна, еве дојдовме до 35 години од мојата песна. На концертот ќе бидат опфатени дел од моите песни, бидејќи е невозможно сите да ги отпеам. Секако дека ќе ги пеам „Не кани ме“, „Крал без круна“ и уште многу други. Планирам и гости, но нека остане изненадување“, изјави Кузмановски за Балкан Мјузик.

Во текот на својата долга кариера, Миле Кузмановски остави длабока трага на македонската фолк и естрадна сцена, градејќи препознатлив стил кој ги спојува традицијата и современоста. Минатата година ја промовираше песната „Срце храбро“, дело кое ја врати публиката во духот на староградската и боемска музика – но на современ начин, без традиционални народни инструменти.

Концертот во МОБ ќе биде ретроспектива на неговата уметничка приказна, потсетник на сите генерации што израснаа со неговите песни, но и вовед во едно ново поглавје во кариерата на овој истакнат уметник.

Вечерта на 24-ти декември се очекува да биде исполнета со топлина, емоции и благодарност, достојна на човек кој повеќе од три децении ја збогатува македонската музичка сцена.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Младиот фолк пејач Игор Андреевски ја промовира „Да сум сонце“ – песна што ги слави верата, традицијата и Македонија (Фото+Видео)
На Здравје“ – вечер исполнета со многу хитови и емоции ексклузивно во недела во 20 часот на Балкан Мјузик ТВ (Видео)
Фолк дивата Анета Љумаковска промовира нова емотивна балада, видеоспот и нов бенд (Фото+Видео)
Во недела нова епизода од серијалот што ги обединува сите генерации – „На Здравје“, во 20 часот само на Балкан Мјузик (Видео)