Почетна > Македонија > Ора, песни и носии: „Танец“ со велигденски концерт во МНТ

Ора, песни и носии: „Танец“ со велигденски концерт во МНТ

///
Comments are Off

Со раскошна програма исполнета со македонски ора, песни и автентични народни носии, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ќе го одбележи празничниот период со велигденски концерт во Македонскиот народен театар во Скопје.

Концертот, насловен „Велигденско празнување“, ќе се одржи на 8 април 2026 година, со почеток во 20 часот, и претставува дел од новата концертна сезона на ансамблот – „Пулсот на предците во ритамот на денешницата“.

Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма составена од препознатливите кореографии на „Танец“, придружени од хорот и солистите на ансамблот. На сцената ќе оживеат дел од највпечатливите македонски фолклорни мотиви, во кои традицијата се пренесува преку современ сценски израз и динамична изведба.

Посебна визуелна димензија на концертот ќе дадат богатите народни носии, кои се вистинско културно богатство. Секоја носија носи своја приказна и историски белег, претставувајќи го богатството и разновидноста на македонската фолклорна традиција.

Со овој концерт ансамблот „Танец“ продолжува да ја негува својата мисија – зачувување и промоција на македонската народна уметност, поврзувајќи го наследството од минатото со современата сценска енергија и новата публика.

Билетите за концертот се достапни на билетарницата на Македонскиот народен театар, како и онлајн преку официјалната продажна мрежа на театарот.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Елена Андоновска со голем концерт во чест на Васка Илиева: „Од Македонија во туѓина“ на 4 август во Охрид (Фото)
Историски момент: По 35 години ПГП РТС повторно објави албум на македонски уметник – „Балкански жубор“ на Проф. д-р Јове Кекеновски (Фото)
Со голем музички спектакл во Хераклеа Борче Наумовски – Министерот ќе одбележи 30 години музичка кариера (Фото)
Македонски артист и продуцент меѓу 12-те најдобри во регионот (Видео+Фото)