Во време кога зборовите чест, припадност и идентитет стануваат синоними за опстанок, Група Круна го најавува својот најнов сингл – „Ние сме Македонци“, песна што не само што се слуша – туку се вдишува, се чувствува, се пее со срце и се живее со душа.
Оваа моќна родољубива композиција е создадена како музичка порака до целиот македонски народ, без разлика каде се наоѓа. Посветена на нашата земја, на нашите корени и на непроменливиот дух што не’ одржал низ вековите, „Ние сме Македонци“ е гласот на сите генерации – од минатото, преку сегашноста, кон иднината.
Текстот на песната, исполнет со силна емоција и патриотска огнена порака, е дело на Орце Стефковски. Музиката, која носи длабок етно-балкански пулс и автентичен македонски сензибилитет, ја потпишуваат Џељо Дестановски и Горан Мирковски, кој е и автор на миксот и мастерингот. Аранжманот, инструментацијата со зурла, кавал и тапан се на незаменливиот Џељо Дестановски, додека впечатливите тамбури на Христо Јаневски, ѝ даваат на песната посебен карактер – силна, дива и горда, токму како Македонија.
Музичкиот видеоспот, снимен на неколку препознатливи и симболични локации во Штип, е во продукција на врвната Арт Студио продукција, кои и овојпат создадоа визуелна магија што совршено ја доловува убавината и душата на Македонија – таква каква што ја сакаме, ја чуваме и ја пееме.
„Ова не е само уште една песна. Ова е наш отпор, наш крик, наш аманет. Ова е сведоштво за тоа кои сме – и кои никогаш нема да престанеме да бидеме“, изјави Орде Неделковски, додавајќи дека со оваа песна, Група Круна сака да испрати силна порака за љубов, гордост и заедништво.

По премиерата на „Ние сме Македонци“, Група Круна веќе работи на нов сингл, а ако сè оди по план, до крајот на годинава ќе излезе и нов албум – долгочекуван од нивната верна публика. Иако моментално турнеите се ставени на пауза, групата се посвети на македонските свадби и културни настани, каде публиката најнепосредно ја доживува нивната енергија. Поголеми настапи се очекуваат за Новогодишните празници, како и во февруари и март 2026.
Покрај групните активности, Орде Неделковски наскоро ќе ја промовира и својата нова соло песна „Жено неверна“, исто така во соработка со Арт Студио продукција. Со тоа, уште еднаш го потврдува својот статус на артист кој живее и твори со полна страст, и во група и самостојно.
И на крајот, Групата Круна со својот фронтмен упатуваат голема благодарност до сите поддржувачи, фанови и медиуми кои се дел од ова патување.
„Токму вие сте причината што овие песни постојат – затоа што Македонија живее преку секој глас што ја пее“, велат од Група Круна.
Текстот го подготви: ПР тимот на Арт Студио продукција