Почетна > Македонија > Блага Петреска со награда за животно дело, нови хитови и две фестивалски вечери во Валандово

Блага Петреска со награда за животно дело, нови хитови и две фестивалски вечери во Валандово

///
Comments are Off

Во просториите на познатата Порта „Македонија“, вчера на прес-конференција официјално беше најавено 39-тото издание на „Фолк Фест Валандово“, фестивал кој речиси четири децении претставува симбол на македонската народна песна, традиција и емоција. Со првата голема прес-конференција, организаторите ја отворија новата фестивалска приказна и открија што ја очекува публиката на 26 и 27 мај во градот на калинките.

Меѓу бројните медиуми кои присуствуваа на настанот беше и екипата на единствената музичка телевизија во Македонија – Балкан Мјузик телевизија која што одблиску ги проследи сите детали поврзани со фестивалот што и годинава ветува незаборавна атмосфера, нови песни и многу емоции.

Годинашното издание ќе се реализира со ново раководство. По локалните промени во Валандово, нов градоначалник е Ѓоко Камчев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а фестивалот добива и нов организациски тим. За уметнички директор е назначен Илчо Јованов, извршен директор е Горјан Стојановски, додека функцијата технички директор ја доби Ѓоко Павлов. Новата водителска двојка која ќе ја води програмата се добро познатите Ели Танасковска и Зоран Ѓорѓиев.

Организаторите – Општина Валандово, со поддршка од Министерството за култура, најавија две фестивалски вечери исполнети со македонска музика, емоција и носталгија.

На 26 мај, на градскиот плоштад во Валандово, ќе се одржи првата предфестивалска вечер посветена на најголемите валандовски хитови и песните кои оставиле траен белег во македонската музика. Публиката ќе има можност повторно да ги слушне безвременските композиции во изведба на Блага Петреска, Елена Велеска, Кате и Соната, Кристијан Кико Болеро, Мишко Крстевски и Марјан Коцев, додека специјален мини концерт ќе одржи Влатко Младиновски. Во рамките на оваа вечер, легендарната Блага Петреска ќе добие и специјално признание за животно дело, како благодарност за нејзиниот огромен придонес во македонската народна музика.

Првата фестивалска вечер ќе биде емитувана преку снимка на Македонската радио телевизија, овозможувајќи атмосферата од Валандово да стигне до гледачите низ Македонија и дијаспората.

Главната фестивалска вечер ќе се одржи на 27 мај во добро познатата фестивалска сала „Јанко Узунов“, со директен пренос на МРТ. Тогаш ќе бидат претставени 20 нови композиции, од кои дел сигурно ќе прераснат во идни хитови на македонската фолк сцена. Меѓу учесниците оваа година ќе настапат: Благица Калева, Нино Величковски, Кристијан Божинов, Ивана Серафимовска, Дејан Николоски – Чуле, Мишко Крстевски, Благоја Грујовски, Даце Николовски, Лени Партикова, Горан Тодоровски, Распеани Валандовчани и многу други.

„Фолк Фест Валандово“ со години создава песни кои стануваат дел од народот и неизоставен дел од секоја веселба. Хитови како „Бисер балкански“, „Стариот џумбушлија“, „Во црно вино утеха нема“, „Дојди ми, Лено, на перниче бело“, „Има ли песна“, „Лихнида кајче веслаше“, „Бабино девојче“, „Кога љуби мома млада“ и „Ако згрешам, нека изгорам“ остануваат трајно запишани во историјата на македонската музика. Фестивалот одамна ги надмина границите на Македонија и низ неговата сцена продефилираа и бројни ексјугословенски музички ѕвезди како Ана Бекута, Вера Ивковиќ, Мерима Његомир, Ханка Палдум, Милан Бабиќ и Биљана Јефтиќ.

И оваа година Валандово ќе биде местото каде што ќе се слави македонската песна, традицијата и музичката емоција. На 26 и 27 мај, градот на калинките повторно ќе живее во ритамот на фестивалот што со право го носи епитетот – прв, единствен и најпрепознатлив македонски фолк фестивал.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Најгледаниот музички серијал „На Здравје“ и оваа недела со одлична забава и музички гости кои ќе ви го разубават викендот (Видео)
Групата Романтик објави нов музички проект: Свадбарски сплет со безвременски македонски хитови (Фото+Видео)
12 години без Војо Стојановски – гласот што ја пееше душата на Македонија (Видео)
Неделна магија со „На Здравје“ – музика, емоции и македонска душа на едно место (Видео)