Кога патот ќе ти го трасираат “великите” песнопојци, амбасадорите и доајени на македонската народна песна, тогаш тежината да го продолжиш нивното творештво е голема, ама не се чувствува…затоа што те водат срцето, љубовта и силата господова кон врвот. Малобројни се оние кои ја милуваат и интерпретираат македонската традиционална музика на свој начин и со леснотија која маѓепсува. Затоа треба да ги чуваме како “капка на дланката”, да ги впиваме со сета душа и да се гордееме со нив… за да знаеме кои сме, од каде потекнуваме и тоа со полни гради постојано да го извикуваме на сите четири страни од светот…како што низ песната тоа го прави нашата Елена Андоновска.
За големиот христијански празник Велигден, Елена не почести со уште еден нов видео запис за песната “Река газит малој моме”. Со тоа таа го заокружи проектот кој беше посветен на доајените на македонската народна песна и истиот е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес за културата во Македонија. Видеото го изработи “Арт студио” – продукција кои преку слика ни ги прикажуваат едни од најживописните предели низ Македонија, а тоа се селата Лазарополе и Галичник, величествениот манастир Св. Јован Бигорски и други локации карактеристични за овој регион. По Вања Лазарова и Васка Илиева, Елена овој видео запис го посвети на незаборавниот Александар Сариевски кој беше препознатлив по изведбата на оваа песна, добро позната во Мијачијата.
Потполното визуелно уживање е надополнето со секогаш беспрекорниот изглед на Елена кој овој пат таа го искомбинира со современ етно стил и богата народна носија од етничкиот предел Мала Река. Во делот на уметничката соработка повторно е заслужен проф.др. Владимир Јаневски, а во делот на музичката соработка повторно тимот “што победува и не се менува”…Александар Јовевски (пиано, кавал, тамбура), Марјан Андоновски (ударни инструменти), Андреј Трајковски (зурла), Горан Гешовски (бас гитара) и Ангел Ќосев (студио ПОДРУМОТ).
Слушнете, за да уживате…погледнете, за да раскажете…”полетајте”, за да бидете барем за момент во височините на музиката која секогаш подига. Само за вистинските уживатели на македонската традиционална песна!!!