Почетна > Македонија > Нема, нема…поголем хит од “Македонско девојче”

Нема, нема…поголем хит од “Македонско девојче”

///
Comments are Off

Ова е песна која е испеана можеби безброј пати, во безброј верзии и комбинации. Тоа е песна по која не распознаваат насекаде по светот, која знаат сите да ја пеат и потпевнуваат. Тоа е песна која е своевиден музички феномен затоа што секоја нова изведба предизвикува чувство што не се опишува…затоа што ја пеат и Јапонци, Кинези, Руси, Шпанци и кои уште не…

А секој мега хит во повеќето случаи е напишан во една вечер и во еден здив. Таква приказна има и нашето “Македонско девојче” која се роди далечната 1967 година од страна на легендарниот Јонче Христовски. Тој и уште многу други музичари биле присутни на веселбата по повод првиот роденден на малата Невенка, ќерката на Виолета Томовска. Така расположени и во свој елемент решиле да напишат песна за убавината на македонската жена и потоа да и ја поклонат на својата колешка Виолета. По само два месеци таа и Кирил Манчевски ќе ја изведат премиерно оваа нумера која потоа постојано ќе се пее и која ќе стане еден вид наша химна…

Каде и да одиме по светот, се бара “Македонско девојче”. Кој и да ни дојде на гости, ни прави чест со пеење на истата песна. Тоа не прави посебно горди затоа што и ние како многумина, си имаме еден музички национален белег кој одамна ни го “жигосаа” нашите големи музички имиња…за да се пее, да се знае и да се распознава. Се додека се пее…ќе го имаме чувството дека сме посебни и благословени…