Почетна > Македонија > Оливер Алексовски – да ја насочиме енергијата кон песните и музиката…

Оливер Алексовски – да ја насочиме енергијата кон песните и музиката…

///
Comments are Off

Кога на 4-годишна возраст му ја ставиле големата хармоника пред него, веднаш се знаело дека љубовта е родена, помеѓу малиот Оливер и музиката. И како велат, вистинската љубов никој не може да ја раскине па така и нивната растеше, се развиваше и еве трае уште до ден денешен. Затоа што кога ќе се вљубиш во музиката, настапите и свирките тоа постепено станува целиот твој живот, се разбира надополнето со љубовта на твоите најблиски…

Кога ни треба музичко засилување и освежување во популарното шоу “7/8”, ние си го каниме нашиот Оливер да ни гостува и тогаш вистински уживаме во неговите песни и изведби….од сите жанрови и за сите мераци. Овие денови Оливер Алексовски својата енергија ја насочи кон неговиот нов музички проект во кој опфати две постари песни…”Умреја батко Ѓорѓија”, позната македонска хумористична народна песна од кумановскиот крај и “Мераклија”, испеана од Беки Бекиќ во далечната 2000 година на “Тумба Фест“ во Куманово. За таа цел соработуваше со нашиот познат композитор, аранжер и хармоникаш Златко Миладиноски со чија помош песните добија нови модерни аранжмани. Свој придонес во новиот звук дадоа и дел од членовите на оркестарот “7/8” што значи дека конечниот производ ќе биде полн погодок за публиката. Исто така во иднина се планираат и видео записи за споменатите нумери кои Оливер планира да ги реализира во соработка со “Арт студио” – продукција. Но, за тоа потоа кога ќе се создадат поволни услови за работа…

На сите кои ја пратат македонската музичка сцена веќе им е познато дека нашиот Оливер Алексовски е член на познатите “Фамосо бенд” од Куманово…особено на оние кои имале прилика да се најдат на некоја нивна свирка или семејна веселба. И тука заедничките планови се големи и разновидни, се разбира откога се ќе си дојде на свое место…во деновите кои сите со нетрпение ги очекуваме. Можеби некаде во некое “ќоше” лежат уште многу други ноти од некоја постара песна или подзаборавен хит, кои чекаат некое ново музичко освежување или пак модерен аранжман…го чекаат човекот кој ќе посегне по нив, како Оливер, како Златко, како Влатко…