Почетна > Балкан > Сан Ремо повторно е музичкиот центар на Италија: Почнува 76. издание на легендарниот фестивал

Сан Ремо повторно е музичкиот центар на Италија: Почнува 76. издание на легендарниот фестивал

///
Comments are Off

Италијанското одморалиште Сан Ремо од денес, 24 февруари, повторно живее во ритамот на музиката. Започнува 76. издание на Фестивалот на италијанската песна – Сан Ремо, кое ќе трае до сабота, 28 февруари, а вниманието на целата земја – и пошироко – е насочено кон легендарниот Театар Аристон.

Фестивалската сцена и оваа година е во сигурни раце. Водител и креативен директор по вторпат е Карло Конти, кому во сите пет фестивалски вечери ќе му се придружи италијанската поп-дива Лаура Паусини. Дуото најавува динамично, модерно и емотивно издание, верно на традицијата, но со јасен поглед кон иднината. Секоја вечер носи ново ѕвездено засилување. На сцената ќе се појават и Џан Јаман, Пилар Фољати, Акиле Лауро, комичарот Лило, супермоделката Ирина Шајк и новинарката Џорџа Кардиналети.

Фестивалот годинава добива и јасен меѓународен сјај. Меѓу специјалните гости се Тицијано Феро, Ерос Рамацоти, Алиша Кис и моделот Бјанка Балти, додека на големото финале, како круна на фестивалот, ќе настапи маестралниот Андреа Бочели. Посебен момент се очекува и на втората фестивалска вечер, кога на сцената ќе излезат олимписките шампионки Аријана Фонтана, Франческа Лолобриџида и Лиза Витоци, симболично поврзувајќи ги музиката и спортскиот триумф.

Во натпреварувачкиот дел, дури 30 изведувачи се борат за главната награда – и за правото да ја претставуваат Италија на Евровизија. Женската соло-листа брои осум имиња, машката дури 18, а програмата е збогатена со два еднократни дуети и еден постојан тандем. Единствената група оваа година е рок-панк составот Bambole di Pezza, што внесува дополнителна жанровска разновидност.

Сан Ремо и оваа година не е само фестивал – туку огледало на италијанската музичка сцена, место каде што традицијата и новиот звук се среќаваат, а победникот добива шанса да излезе на европската сцена. До сабота, Аристон ќе биде срцето на италијанската музика.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Исповед што ја потресе естрадата: Гоце Димовски проговори за неправдите по 35 години кариера (Фото)
Дали Гоце Димовски се повлекува од музиката? Одлука што ја потресе македонската музичка јавност (Фото)
Давор Јордановски најавува модерно издание на Интернационалната вечер на „Охрид Фест 2026“: „Не ги копираме светските трендови“
Македонскиот виртуоз Јове Кекеновски дел од жирито на меѓународниот и престижен фестивал „Прва хармоника на Србија“ (Фото+Видео)