Почетна > Македонија > Исповед што ја потресе естрадата: Гоце Димовски проговори за неправдите по 35 години кариера (Фото)

Исповед што ја потресе естрадата: Гоце Димовски проговори за неправдите по 35 години кариера (Фото)

///
Comments are Off

Македонскиот мултиинструменталист и еден од најголемите чувари на изворната македонска музика, Гоце Димовски, деновиве повторно се најде во центарот на вниманието, откако по лавината реакции на неговата претходна објава конечно реши јавно да ја открие вистинската причина поради која размислува за повлекување од музиката.

Откако неговата прва објава предизвика огромна поддршка од колеги, пријатели, обожаватели и дел од медиумите, Димовски преку долг статус на својот Фејсбук профил им се заблагодари на сите кои застанаа зад него и порача дека ги прочитал сите коментари.

Од срце ви благодарам на сите за искрената желба да продолжам понатаму и со уште посилно темпо“, напиша тој на почетокот од својата реакција. Иако многумина претпоставуваа дека причината за неговата разочараност е навредата што неодамна ја добил од колега, Димовски вели дека тоа не е суштината на проблемот.

„Не е причина тоа што некој за првпат во мојата кариера ме навреди дека јас и мојот татко сме немале врска од музика. Секој има право на свое мислење“, пишува тој.

Наместо тоа, музичарот отвори многу подлабока тема – односот на институциите кон луѓето кои со децении ја негуваат и ја претставуваат македонската традиционална музика. Во емотивната исповед Димовски открива дека во својата 35-годишна кариера никогаш не барал вработување преку врски или политички влијанија. Потсетува дека како хонорарец свирел во Оркестарот за народни инструменти при Македонската радио-телевизија, но никогаш не добил работен однос, ниту стаж за годините поминати таму.

Тој се осврна и на својата долгогодишна работа со светски познатата македонска група Synthesis, со која ја претставувал Македонија на бројни сцени низ светот, но и на тешкиот период за време на пандемијата, кога три години работел во Железара, а по завршувањето на смената директно заминувал на концерти и државни свечености.

Во својот статус открива и дека 11 години сам си плаќал работен стаж, а денес е вработен во компанијата „Sport M“, чии претпоставени, како што наведува, имаат разбирање за неговите музички ангажмани. Но, прашањето што најсилно одекна во неговата објава е следното:

„Каде ми е местото и зошто не сум таму каде што треба како музичар?“.

Според него, со години се зборува за значењето на традицијата и културниот идентитет, но луѓето кои го чуваат тој идентитет честопати остануваат без институционална грижа, без сигурност и без признание што би требало да го имаат.

„Какво е чувството да свирите на највисоки државни настани, сите да ви кажуваат дека сте најдобри, а никој да не ве праша дали сте вработени и дали имате стаж?“, прашува Димовски.

На крајот од својата објава тој порача дека и понатаму останува на својот претходен став, сè додека не добие, како што вели, „вистинскиот одговор“, додавајќи дека не е единствениот музичар кој се соочува со вакви проблеми, туку дека многумина молчат. Неговата искрена исповед повторно отвори сериозна дебата за статусот на уметниците кои со децении ја чуваат македонската музичка традиција, но и за тоа дали државата доволно се грижи за оние што ја претставуваат Македонија пред светот.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Дали Гоце Димовски се повлекува од музиката? Одлука што ја потресе македонската музичка јавност (Фото)
Давор Јордановски најавува модерно издание на Интернационалната вечер на „Охрид Фест 2026“: „Не ги копираме светските трендови“
Македонскиот виртуоз Јове Кекеновски дел од жирито на меѓународниот и престижен фестивал „Прва хармоника на Србија“ (Фото+Видео)
Љупчо Соколовски открива што ја очекува публиката на Фолк вечерта: „Фолк вечерта на „Охрид Фест“ носи внимателно избрана програма“