Музиката добива нова димензија кога произлегува од лична болка и искрено искуство. Токму таква е новата авторска песна на Саит Идоли насловена „Сине мој“, посветена на сите татковци кои, како и самиот тој, се често отсутни од домот поради работа или животен пат, но секогаш ги носат своите деца и семејства во срцето.
„Јас лично знам како е да си далеку од сопственото семејство. Имам синови, и секој пат кога сум одвоен од нив, чувствувам тага, но и мотивација. Оваа песна е мој начин да им се приближам до сите оние што се чувствуваат исто“, вели Саит.
Песната е комплетно авторско дело – од музиката и текстот, до аранжманот. Во неа се чувствува зрелоста и искуството што Саит Идоли го носи како уметник, татко и човек кој поминал многу во животот.
Оваа песна е прво снимена на македонски јазик, а потоа и на српски, но песната е промовирана најпрво на српски, а веднаш потоа ќе биде и на македонски јазик. Овој двојазичен пристап не е случаен – уште од првиот албум „Саит и Уникати“, снимен во 91-та година на српско-хрватски јазик, Саит е артист кој секогаш се обраќа до поширока публика во регионот.
Видеоспотот е снимен и реализиран од страна на најдобрите – Арт Студио продукција во соработка со Балкан Мјузик телевизија. Благодарение на креативноста и посветеноста на едни од најголемите професионалци, Дејан и Горјан, успеавме да ја доловиме интимната и емотивна атмосфера на песната. Во студиски амбиент, со минимализам што дозволува емоциите да доминираат, видеото остава силен впечаток и носи автентична порака.

„Голема благодарност до Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија кои се потрудија ова видео да изгледа токму така како што го замислував – искрено, длабокои емотивно“, додава Саит.
Иако вели дека не учествува на фестивали, Саит Идоли постојано снима нова музика и настапува низ Македонија и пошироко. Родендени, семејни прослави, кафани, клубови – музиката секогаш наоѓа свој пат до луѓето.
„Не мора секогаш да си на фестивал за да ја пренесеш својата порака. Мојата публика ме знае и ме следи, а јас редовно снимам песни и се ангажирам околу секој аспект – полека, но сигурно“, вели тој.
Во продолжение, со задоволство ви предлагаме да ја слушнете неговата најнова песна „Сине мој“, а воедно и да го погледнете одличниот видеоспот.
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ