Во втората епизода од најгледаниот музички серијал во Македонија – „На здравје“, гледачите повторно уживаа во празникот на македонската песна, традицијата и убавото дружење. Во препознатливата атмосфера на Македонско село, каде што секој детал е исполнет со духот на нашата култура, емисијата уште еднаш покажа зошто веќе пет сезони е омилена на домашната публика.
Како и секогаш, домаќин беше секогаш оригиналниот Орде Неделковски, кој со својот препознатлив хумор и енергија ги поврза сите музички настапи и создаде атмосфера на вистинска народна веселба.
Новата група Плетенка, со која емисијата започна соработка оваа сезона, покажа дека традицијата може да звучи свежо и современо, благодарение на нивната маестрална инструментална изведба и хармонија со вокалите на гостите.
Епизодата ја отвори Марко со песната „Лихнида која кајче веслаше“, во придружба на група Плетенка, со што веднаш ја подигна енергијата и го најави музичкото патување низ времето.
Потоа следеше Горан Стоилков со безвременската „Барај ги, мила мамо“, песна која ги врати спомените на многу генерации.
Благоја Грујовски ја донесе романтичната енергија со „Ти ме опи како вино“, додека Катерина Брезев, во свој препознатлив стил, ја отпеа народната класика „Фато мори душманке“.
Во продолжение, Дарко Стојановски ја изведе емотивната „Што ја нема Цвета мома“, а Лени Партикова со својата харизма и глас ја разигра публиката со „После свадба тапани“. Секогаш впечатливата Елена Велевска повторно ја освои публиката со енергичната „Ој ти пиле“, додека Кристијан Тасевски ја внесе веселата атмосфера со „Роден сум за песна“ — наслов кој совршено го опишува неговиот настап.
Во еден од најемотивните моменти на вечерта, водителот Орде Неделковски заедно со група Плетенка ја отпеа легендарната „Ако бевме заедно“, песна што оригинално ја изведуваше Зоран Ванев и која секогаш предизвикува носталгија.
Младата Марија Божиновска ја донесе својата интерпретација на „Солзи врели нека пресушат“, а Емилија Иванова ја внесе својата младешка енергија со „Никој ме нема така љубено“, притоа кренувајќи го расположението до максимум.
Душко Георгиевски ја оживеа традицијата со „Маре мори Маре“, а Ема и група Плетенка ја затворија оваа епизода со весела и емотивна изведба на „Свири ми, брате цигане“ — совршен завршеток на едно прекрасно музичко дружење.
Со многу песна, радост и емоција, заврши втората епизода од петтата сезона на „На здравје“, која и овој пат потврди дека македонската музичка традиција живее, се развива и ги обединува сите генерации.
До следната средба — останете живи, здрави и нека е на здравје!
Текстот го подготви: Иван Јосимовски