Почетна > Македонија > Од Струмица до Берн – приказната на Ген: Македонскиот хип-хоп артист кој го живее својот сон (Фото+Видео)

Од Струмица до Берн – приказната на Ген: Македонскиот хип-хоп артист кој го живее својот сон (Фото+Видео)

///
Comments are Off

Тој е млад, талентиран и полн со енергија. Има само 33 години, но зад себе има живот исполнет со музика, емоции и решителност. Станува збор за Трајче Гогов, момчето од преубавата Струмица кое денес музички е познат под името Ген, име кое одекнува не само низ Швајцарија туку и низ целиот Балкан. Својата љубов кон рапот и хип-хопот ја развива уште од прво одделение, а првата песна ја напишал и снимил на само 13 години.

„Денес кога ја слушам таа песна, се потсетувам на еден убав период – патот низ кој морав да поминам за да бидам она што сум денес“, вели Ген.

На 13 години, заедно со своето семејство се сели во Берн, Швајцарија, каде што веќе живее 20 години. Таму го завршува факултетот за медицински науки и дипломира со Bachelor of Science in Nursing, но музиката никогаш не ја напушта. Таа останува неговата најголема страст, а денес е негово животно признание.

„Сѐ уште ми недостасуваат роднините, пријателите, добрите другари од Македонија, но музиката ме држи поврзан со моите корени“, признава Ген.

Иако живее во Берн, Ген успеал да оствари импресивни музички соработки. Меѓу нив се и The Game (САД), Igor Buzov (БиХ), Pastor (Чешка), Friz/Ghettophenomene (Франција) и многу други. Од македонските уметници, уште како млад има снимано со Ago DNS, Sigi (Токсикологија) и други звучни имиња од сцената. Неговата посветеност, стил и уникатен звук го доведуваат до еден од најголемите музички лејбли на Балканот – Imperia, каде што Ген е првиот и единствен Македонец под договор.

Најновата песна на Ген, насловена „Ледна“, е во соработка со младата и талентирана Каролин, која го воодушеви со својот сензуален вокал.

„Песната првично беше соло проект, целосно завршена, но чувствував дека ѝ недостига нешто. Кога ја најдов Каролин и таа ја чу песната, веднаш прифати – и резултатот е магија“, објаснува Ген.

По оваа успешна соработка, Ген веќе ги подготвува следните два проекти кои ќе бидат придружени со видеоспотови, како дел од неговиот нов студиски албум „Adventus“. Планот е јасен – промоција во големите европски градови, ширење на својата музика и понатамошно етаблирање на сцената. И покрај интернационалниот успех и активноста низ Европа, Ген не ја заборава својата татковина, ниту пак градот во кој пораснал.

„Со големо задоволство би направил настап во моето родно место – Струмица. Тоа би било нешто посебно, лично, емотивно“, завршува тој со насмевка.

Може да ви се допаѓа и
Зурли, емоции и ѕвезди – спектакл од музика во најновата епизода на „На Здравје“ (Фото)
Александра Пријовиќ за првпат го покажа трудничкото стомаче
„Let Us Be“ – Владимир Четкар со ексклузивна концертна промоција во Скопје пред големата светска турнеја
Капетан Кеба во акција: Мини шоу во авион и импровизиран концерт во „Ѕвездите на Гранд“