Почетна > Македонија > Легендата што живее во нас: 45 години од раѓањето на Тоше Проески (Фото)

Легендата што живее во нас: 45 години од раѓањето на Тоше Проески (Фото)

///
Comments are Off

Македонија, но и целиот Балкан, денеска се сеќаваат и одбележуваат 45 години од раѓањето на човекот кој не беше само музичар, туку совест, насмевка и надеж – Тоше Проески.

Во својот краток, но неверојатно богат живот, Тоше остави песни што не стареат, зборови што лекуваат и пример што ретко се повторува. Неговата музика беше мост меѓу луѓето, меѓу народите, меѓу болката и надежта. Но она што најмногу го издвојуваше беше неговата човечност – тивка, искрена и бескомпромисна.

Колку навистина значеше Тоше за сите нас, го сфативме дури тогаш кога го изгубивме. Утрото по 16 октомври 2007 година ја разбуди Македонија во тишина каква што дотогаш не паметеше. Тишина во која одекнуваше неговиот глас, посилен од кога било.

Во знак на сеќавање, љубов и благодарност, во петокот во аулата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје се одржа културно-уметничкиот настан „Тоше те сакаме“, каде што преку песна, збор и емоција, младите уште еднаш потврдија дека неговото дело живее и продолжува да инспирира.

Во духот на хуманоста што ја живееше Тоше, денеска ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција во организација на Црвениот крст на град Скопје. Акцијата, која со години наназад обединува голем број граѓани, особено млади, ќе се реализира во холот на Домот на АРМ, од 09:00 до 17:00 часот. Таа одамна прерасна во симбол на неговата филозофија – да се дава без да се очекува ништо за возврат.

Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, во Република Хрватска. Замина физички, но остана засекогаш присутен – во секоја строфа што ја знаеме наизуст, во секој хуман гест направен во негово име, во секоја солза и секоја насмевка кога ќе се спомне неговото име.

Роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, израснат во Крушево, образуван во Битола и Скопје, Тоше ја носеше Македонија со себе каде и да одеше. И денес, 45 години од неговото раѓање, тој продолжува да нè учи дека успехот нема вредност без добрина, а славата нема смисла без љубов.

Тоше не беше само наш. Но засекогаш ќе биде – наш.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Потпевнување, добро расположение и вистински звуци – неделна музичка забава на Balkan Music TV (Видео)
Три сплета, нови кавери и авторска песна: Група „Круна“ најавува жешка свадбена сезона (Видео+Фото)
Тереза Кесовија тргнува на последен поклон пред публиката
Песна, обичаи и идентитет: Ново празнично издание на „На Здравје“ (Видео)