Пејачот Бобан Цаневски на 5 јули во Музејот на македонската борба, со почеток во 18:30 часот, ќе го одржи својот прв самостоен концерт насловен „Evergreen вечер“. Настанот има посебно емотивно значење бидејќи со него ќе одбележи значаен животен јубилеј – својот 50-ти роденден.
Наместо класична роденденска прослава, Цаневски избрал музиката да биде најубавиот подарок за неговите најблиски, пријателите, долгогодишните соработници и колегите, со кои низ годините ја градел својата кариера.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма составена од домашни и светски евергрин композиции – песни што со децении остануваат безвременски и успеваат да поврзат различни генерации. Концертот ќе биде збогатен и со настапи на гости-пејачи, кои, како што вели самиот Бобан, пред сè ќе бидат негова искрена поддршка во една од најважните вечери во неговиот живот.
„Овој концерт ќе ми биде самостоен и на него ќе имам гости пејачи, но тие ќе бидат тука пред сè како моја поддршка. Понатаму, мојот план е во Македонската опера и балет да направам голем концерт со многу дуети со моите колеги, а како посебен момент ќе настапат и моите деца. На македонската сцена сум речиси две децении, но најчесто настапував со различни групи и бендови. Денес сметам дека можеби требаше многу порано да зачекорам по самостојниот пат“, вели Цаневски.

Токму овој концерт е вовед во уште поголем музички проект што пејачот го планира во иднина, кога пред пошироката публика ќе ја претстави својата кариера преку дуети, специјални гости и семејни музички моменти.
Иако на домашната сцена е присутен речиси дваесет години, вистинската регионална афирмација ја доживеа во 2022 година, кога неговиот син го пријави во популарното музичко шоу „Никогаш не е доцна“. Токму таму Бобан го покажа својот раскошен вокал и со интерпретациите на песните од Тоше Проески, Здравко Чолиќ и Аки Рахимовски ги освои симпатиите на милионскиот аудиториум, а со СМС-гласовите беше избран за миленик на публиката. По успехот во регионот започна соработка со Гранд продукција, каде што ја сними песната „Удри бригу на весеље“, со која се претстави во поинакво музичко издание и дополнително го прошири својот круг на публика.

Претстојната „Evergreen вечер“ нема да биде само роденденски концерт. Таа ќе биде симболично заокружување на едно долго музичко патување, но и почеток на ново поглавје во кариерата на пејачот, кој по години сценско искуство конечно решава целосно да му се посвети на својот соло пат и на проектите што долго ги подготвува. Со својот препознатлив, топол вокал и романтична интерпретација, Бобан Цаневски ќе им приреди вечер исполнета со емоции, носталгија и безвременска музика – токму онаква каква што заслужува еден ваков животен и музички јубилеј.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






