Во Офицерскиот дом во Битола пред неколку дена беше одржана прес-конференција на која естрадниот уметник Борче Наумовски – Министерот ги откри деталите за својот голем солистички концерт, закажан за 22 јули на античкиот локалитет Хераклеја.
Концертот ќе биде посветен на значајниот јубилеј – три децении активно присуство на македонската музичка сцена, а, како што истакна Наумовски, станува збор за најголемиот и најамбициозен проект во неговата досегашна кариера.
Подготовките за концертот траат повеќе од шест месеци, а целиот концепт е изграден околу бројот 30 – симбол на неговиот јубилеј.
„Ова е мојот најголем музички роденден. Сакавме секој детаљ да ја носи пораката за 30-годишното творештво, па затоа на сцената ќе има 30 тапани, 30 играорци, а дури и миксетата ќе биде поставена со 30 канали за музичарите. Очекуваме околу 3.000 посетители, што претставува сериозен предизвик, но и голема мотивација за целиот тим“, изјави Наумовски.

Организаторите посочија дека прва опција останува концертот да се одржи под отворено небо во автентичниот амбиент на Хераклеја. Доколку временските услови не дозволат реализација на настанот, концертот ќе биде преместен во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, без промени во програмата.
Покрај концертот, Наумовски најави и нов музички проект – албум што ќе ги обедини најзначајните песни од неговата кариера.
Кариерата ја започнал во 1997 година, а досега има објавено четири студиски албуми. Првото музичко издание било реализирано во продукција на тогашната Македонска радио-телевизија.
„Пред еден месец го објавив видеоспотот за песната „Моја љубов, моја судбина“, а токму тоа ќе биде и насловот на новиот албум. Тој ќе биде своевиден пресек на моите 30 години на естрадата – најдоброто собрано на едно место“, истакна пејачот.

Посебен белег на концертот ќе даде големиот оркестар што во живо ќе го придружува Наумовски. Под диригентската палка на професорот Кирил Стојчевски, публиката ќе има можност да слушне нови аранжмани и богата музичка продукција.
Стојчевски нагласи дека со Наумовски ги поврзува долгогодишно пријателство и професионална соработка.
„Со Борче сме поврзани со многу заеднички проекти и се чувствуваме како браќа. За мене е чест што низ годините ми ја доверува музичката подготовка на своите песни. За овој концерт подготвуваме оркестар составен од 17 музичари од различни секции – гудачи, дувачки инструменти, хармоники, гитари и придружни вокали. Дел од песните што сум ги создал за него ќе добијат нов живот токму на оваа сцена“, рече Стојчевски.
Со богата сценографија, голем број музичари, танчери и специјално подготвена програма, концертот на 22 јули најавува една од најголемите музички вечери ова лето во Битола. Јубилејот од 30 години кариера ќе биде одбележан со ретроспектива на најголемите хитови, нови музички изненадувања и продукција каква што публиката досега немала можност да види на концерт на Борче Наумовски. Концертот ќе го сними и потоа на својата програма ќе го емитува единствената музичка телевизија во Македонија – Балкан Мјузик телевизија.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






