Почетна > Македонија > Црвеното велигденско јајце – Симбол на победата над смртта и верата во Воскресението

Црвеното велигденско јајце – Симбол на победата над смртта и верата во Воскресението

///
Comments are Off

Денеска, на Велики Четврток, според древната христијанска традиција, започнува вапсањето на велигденските јајца – најчесто во црвена боја. Оваа традиција, стара колку и самото Христијанство, го симболизира воскресението на Господ Исус Христос и победата над смртта.

Професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски, за МИА објаснува дека вапсањето црвени јајца потекнува уште од времето на светите апостоли и првите христијани. Велигденското јајце е прифатено како симбол на новиот живот, радоста од воскресението и како потврда на верата во вечниот живот.

Според Светото Предание, првата која го започнала обичајот со подарување црвени јајца е Марија Магдалена. Таа, при својата посета на римскиот император Тивериј, му подарила црвено јајце и го поздравила со зборовите: „Христос Воскресе!“, објавувајќи ја радосната вест за Христовото воскресение.

Црвената боја на јајцето има длабока симболика – претставува божјата сила, Христовата крв пролеана на крстот и конечната победа над смртта. Преку размената и кршењето на црвените велигденски јајца, православните верници денес го исповедаат своето верување во Христовото воскресение и надежта во вечниот живот.

Традицијата на вапсање јајца рано на Велики Четврток останува јасен знак на подготовка за најголемиот христијански празник – Велигден. Оваа радосна практика се продолжува до Спасовден, а поздравот „Христос Воскресе – Вистина Воскресе“ и денеска е силен израз на верата, надежта и љубовта што го водат христијанскиот народ низ вековите.

Може да ви се допаѓа и
Пред празнично, со душа:„На Здравје“ и оваа недела со најубавите македонски песни (Видео)
„Денес е Велигден“ – нова емотивна велигденска химна од Лени Партикова што ја слави верата, традицијата и заедништвото (Фото)
Ново поглавје за „Фолк Фест Валандово“ – што носи изданието 2026?
Кога македонската песна се слави најгласно – Велигденска еуфорија во „На Здравје“ со многу музика, игра и атмосфера за паметење (Фото+Видео)