Почетна > Македонија > Емоција без граници: Александар Ицов со успешна турнеја ја слави македонската музика во Австралија (Фото+Видео)

Емоција без граници: Александар Ицов со успешна турнеја ја слави македонската музика во Австралија (Фото+Видео)

///
Comments are Off

Познатиот македонски виртуоз на хармоника и на народните инструменти – гајда, кавал и зурла, Александар Ицов, изминативе недели престојува на повеќенеделна концертна турнеја во Австралија, носејќи ја македонската музичка душа пред нашинците на другиот крај од светот. Турнејата се одвива во исклучително топла атмосфера, исполнета со емоции, почит и искрена радост – чувство што, како што вели самиот Ицов, е „неописливо кога ќе видиш дека трудот што си го вложил се цени и се враќа со љубов“.

Досега се реализирани шест концерти, а публиката во Сиднеј, Аделаида, Мелбурн, Спрингвејл и Џилонг имаше можност да ужива во енергични и страствени настапи, каде хармониката звучеше како продолжение на срцето. Секој концерт беше посебна приказна – со силна интеракција со публиката, со аплаузи што траеја долго по последниот тон и со емоции кои ги надминуваат зборовите.

Инаку, заедно на турнејата во Австралија со Александар Ицов е и Дарко Стојановски (внук на македонската музичка легенда Војо Стојановски) каде заедно во оваа прилика имаат одличен спој во соработката.

„Прекрасно е чувството кога нашинците со задоволство ќе ве пречекаат во нивната втора земја – Австралија. Секој труд што сте го вложиле, тие го почитуваат“, истакнува Ицов, додавајќи дека енергијата која ја добива од публиката му дава дополнителна сила на сцената.

Турнејата влегува во својата завршница со уште два концерта овој викенд, по што на 24 февруари следи враќањето дома. Но, спомените, средбите и музичките моменти што се создадоа во Австралија ќе останат долго врежани – како доказ дека македонската музика нема граници и дека каде и да има Македонци, има и силна врска со татковината.

По враќањето од Австралија, Александар носи свежа енергија и големи новини на домашната сцена. Во фокусот е промоцијата на неговиот втор студиски албум, проект кој ја заокружува една важна креативна фаза и најавува ново поглавје во неговата кариера. Покрај албумот, следуваат и низа нови проекти – нови песни, соработки и настапи, кои ветуваат динамична и возбудлива сезона.

Со искуството стекнато надвор од земјата и јасна визија за понатаму, Александар се враќа подготвен да понуди звук, емоција и приказна што се чувствува и памети.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Недела резервирана за македонска традиција: Нова епизода од „На Здравје“ во недела во 20 часот (Видео)
Фолк дивата Елена Јовческа во полн сјај: Нови песни, видеоспотови и концерти низ Европа (Фото)
Борче Наумовски – Министерот за естрада: Од скијачките патеки на Пелистер до голем концерт во Хераклеа (Фото)
Хитови, рефрени и изненадувања: „На Здравје“ и оваа недела со музика што се пее на глас – старт 20 часот на Балкан Мјузик ТВ (Видео)