Додека публиката секоја година ужива во песните на сцената на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, малкумина знаат колку внимателно се гради музичката слика на Интернационалната поп вечер. Зад тој процес веќе со години стои музичарот, композитор, аранжер и продуцент Давор Јордановски, кој како уметнички директор е задолжен за изборот на композициите што ќе се претстават пред публиката.
Во разговор за фестивалот, Јордановски открива дека и годинава концептот останува верен на идејата да се спојат современиот светски звук и автентичноста по која „Охрид Фест“ е препознатлив повеќе од три децении.
„Ги следиме светските музички трендови, но не ги копираме. Тие се инспирација, а не шаблон. Целта ни е да понудиме песни што звучат модерно, конкурентно и радио-прифатливо, но истовремено имаат сопствен идентитет“, вели Јордановски.
Интернационалната вечер и оваа година ќе донесе изведувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, што, според него, уште еднаш ја потврдува регионалната важност на фестивалот.
„Ова не е само натпревар, туку место каде што се создаваат нови музички соработки и контакти. Токму преку ваквите средби македонските автори добиваат можност својата музика да ја претстават и надвор од границите“, потенцира тој. Особено интересен детал од овогодинешниот избор е фактот што дел од авторите во процесот на создавање на своите композиции користеле вештачка интелигенција.
„Тоа е светски тренд кој веќе пристигна и кај нас. Интересно ќе биде дали публиката ќе успее да препознае кои песни се создадени со поддршка на оваа технологија. Но, на крајот најважни остануваат емоцијата, квалитетот и авторската креативност“, нагласува Јордановски.
Според него, годинашната програма нема да биде жанровски еднолична. Напротив, публиката ќе слушне современ поп, денс, поп-рок, но и композиции со етно елементи, што ветува динамична и разновидна фестивалска вечер. Покрај музичкиот дел, организаторите најавуваат и значително продукциско освежување.
„Денес не е доволно песната само добро да звучи – таа мора и визуелно да ја раскаже својата приказна. Затоа вложуваме многу во сценографијата, ЛЕД-визуелизациите, осветлувањето и телевизиската режија. Верувам дека публиката ќе види модерно издание кое ќе покаже дека „Охрид Фест“ успешно ги следи современите продукциски стандарди“, истакнува тој.
На прашањето дали годинава има песни што можат да го надминат фестивалскиот момент и да продолжат да живеат на регионалната сцена, Јордановски не го крие оптимизмот.
„Нашата цел никогаш не е песните да траат само една вечер. Верувам дека неколку композиции имаат сериозен потенцијал за регионален, па и меѓународен успех. Денес дигиталните платформи им овозможуваат на добрите песни многу побрзо да стигнат до публика низ целиот свет“, заклучува уметничкиот директор на Интернационалната поп вечер.
Доколку неговите очекувања се исполнат, 33. издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“ би можело да донесе песни кои нема да останат само дел од фестивалската програма, туку ќе продолжат да живеат и долго по спуштањето на завесата.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски







