Во присуство на бројни колеги, естрадни уметници, музичари, новинари, пријатели и почитувачи на македонската традиционална музика, синоќа во ресторанот „Рагуза Rooftop 360“ во Скопје се одржа долгоочекуваната и најавувана промоција на маестро Александар Ицов, со која виртуозот свечено одбележа десет години успешно творење на македонската музичка сцена.

Настанот, кој помина во исклучително свечена и емотивна атмосфера, го водеше младата и харизматична водителка Викторија Петровска, која на достоинствен начин ја претстави богатата музичка приказна на уметникот што веќе една деценија ја негува и афирмира македонската традиција. Промоцијата започна со едноминутен молк во чест на еден од најголемите македонски музички великани – Владо Јаневски, најлирскиот вокал на македонската поп-музика, чии песни ги одбележаа најголемите љубови, најтешките разделби и најдрагите животни спомени на многу генерации.

По емотивниот почеток следуваше премиерната проекција на двата најнови музички проекти на Александар Ицов – авторските ора „Разиграна седмица“ и „Мераклиски оро“. Видеоспотот за „Разиграна седмица“ е снимен на атрактивни локации во Солун и Скопје, додека „Мераклиски оро“, доби автентичен визуелен печат преку кадрите снимени во прекрасниот амбиент на манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во селото Ораовица.
Обраќајќи им се на присутните, Александар Ицов не ја криеше својата благодарност за поддршката што ја добивал во изминатата деценија. Со нескриена емоција зборуваше за својот професионален пат, за сите предизвици и успеси, истакнувајќи дека ова е само почеток на уште многу нови музички идеи и проекти. Десет години професионална кариера за Ицов не претставуваат само јубилеј, туку десет години исполнети со посветеност, секојдневна работа, непроспиени ноќи, бројни настапи и постојана желба македонската традиционална музика да добива нов живот пред современата публика.

Препознатлив како еден од најдобрите мултиинструменталисти кај нас, Александар Ицов маестрално владее со хармониката, гајдата, кавалот, зурлата и повеќе традиционални инструменти, создавајќи препознатлив музички израз кој успешно ги спојува автентичната традиција и современиот звук. Неговата работа одамна ги надмина границите на Македонија. Тоа го потврди и неодамнешната успешна турнеја низ Австралија, каде што со своите настапи ги воодушеви македонските иселеници, уште еднаш покажувајќи дека македонската традиционална музика има силен одек каде и да се слушне. Покрај бројните настапи, Ицов активно ја промовира македонската музичка култура и преку телевизиски емисии, фестивали, концерти и семејни веселби, а како професор своето знаење несебично го пренесува и на новите генерации музичари.







Во изминатиот период својот богат истражувачки ангажман го преточи и во книгата „Гајдарската традиција во Радовишко“, со што уште еднаш ја потврди својата посветеност кон зачувувањето на македонското музичко наследство.
По официјалниот дел од промоцијата, вечерта продолжи во духот на вистинската македонска традиција. Гостите уживаа во музичката програма на проектот „Ицов и пријателите“, каде атмосферата беше исполнета со песна, игра и долги аплаузи. Новите авторски ора „Разиграна седмица“ и „Мераклиски оро“ претставуваат уште едно значајно поглавје во творештвото на Александар Ицов и доказ дека неговата инспирација, енергија и љубов кон македонската традиционална музика продолжуваат со исто темпо и по првата успешна музичка деценија.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






