Многу емоции, нови македонски хитови, бурни аплаузи и незаборавна фестивалска атмосфера го одбележаа годинашното 39. издание на „Фолк-фест Валандово 2026“, кое се одржа во Домот на културата „Јанко Узунов“.
По вечер исполнета со дваесет нови композиции и настапи на реномирани, но и млади имиња од македонската народна сцена, фестивалот ја доби својата победничка песна. Првото место го освои композицијата „Гратче мое убаво“, во изведба на Христијан Божинов – Кико, кој успеа да ги освои и публиката и стручното жири.
Песната, зад која како автор стои Зоран Ванев, ја доби и наградата за најдобра музика, што дополнително ја потврди нејзината моќ и емоција.
Втората награда ѝ припадна на пејачката Благица Калева за песната „Солзи немам“, а токму нејзината емотивна интерпретација ѝ ја донесе и наградата за најдобра интерпретација. Третото место го освоија Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета бенд“ со песната „После сè“, која ја доби и наградата за најдобар аранжман. Аранжманот е дело на Томислав Коцевски – Пепси.
Томислав Коцевски – Пепси доби уште едно признание, и тоа за најдобар текст за песната „Жено неверна“, во изведба на Драган Даце Николовски.
Особено емотивен момент на фестивалската вечер беше доделувањето на наградата за животно дело на легендарната Блага Петреска. Таа со искрени зборови истакна дека токму овој фестивал ѝ помогнал во најтешките моменти од животот, што предизвика силни емоции кај присутните во салата.
Додека траеше гласањето, публиката уживаше и во настапот на Ленче Кукиќ, која со своите добро познати хитови внесе дополнителна енергија и носталгија во фестивалската вечер.
На фестивалот присуствуваше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој порача дека „Фолк-фест Валандово“ останува симбол на македонската музичка традиција и доказ дека македонската народна песна има своја сила, емоција и иднина.
„Имавме можност да слушнеме дваесет нови композиции кои ја продолжуваат богатата традиција на македонското музичко творештво. Како Министерство за култура и туризам, остануваме посветени на поддршката на домашните фестивали, автори и уметници“, изјави Љутков.
И годинава, „Фолк-фест Валандово“ докажа дека македонскиот мелос живее, се развива и обединува генерации.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






