Македонија би можела да биде домаќин на Детскиот Евросонг 2026, објави специјализираниот евровизиски портал Eurofestival News. Доколку оваа информација се потврди, тоа би било првпат евровизиски музички настан да се одржи во земјава – момент кој би имал историско значење за македонската музичка и телевизиска сцена.
Според порталот, до ваквиот развој на настаните дошло откако Франција се повлекла од кандидатурата за организација на натпреварот. По нивното откажување, како следна земја во процесот на аплицирање се појавила Македонија. Информацијата ја споделил генералниот директор на San Marino RTV, Роберто Серџо, кој изјавил дека по повлекувањето на Франција, домаќинството му припаднало на Македонија.
„Франција се откажа, а Македонија беше пред нас во апликацијата, така што тие ќе бидат домаќини“, изјавил Серџо. По оваа изјава следувала кратка дискусија меѓу него и шефот на делегацијата Дени Монеци, при што Серџо додал:
„Франција се откажа, па ќе одиме… Не се сеќавам каде. Во Црна Гора? Не, во Македонија. Не требаше да го кажам, но веќе го кажав“.

Изјавата брзо се прошири меѓу евровизиските фанови и медиуми, предизвикувајќи голем интерес и бројни реакции на социјалните мрежи. Сепак, официјална потврда сè уште нема, а се очекува став од Европската радиодифузна унија (EBU) и од Македонската радио-телевизија (МРТ).
Доколку Македонија навистина стане домаќин, тоа би значело дека земјата ќе организира евровизиски настан за првпат во својата историја. Воедно, ова би било и прв евровизиски натпревар во регионот на поранешна Југославија по Евровизија 2008 во Белград. Ваквиот настан би претставувал голема можност за промоција на македонската музичка индустрија, телевизиска продукција и туристички потенцијал, но и шанса земјата да се најде во фокусот на европската јавност.
Засега останува да се почека официјалната одлука на организаторите.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






