Професорот по политички науки и виртуоз на хармоника, д-р Јове Кекеновски, ќе ја претставува Република Македонија на едно од најпрестижните светски музички натпреварувања – Светскиот трофеј за хармоника (Trophée Mondial de l’Accordéon). Настанот ќе се одржи од 25 ноември до 1 декември 2025 година во градот Монтаржис, во близина на Париз, Франција.
Кекеновски го обезбеди своето учество по успешното претставување и победата во својата категорија (13Б, од 60 до 80 години) на Online International Open Trophy – дел од официјалната програма на Светската конфедерација на акордeонот (Confédération Mondiale de l’Accordéon – СМА).
Со овој резултат, тој се пласира меѓу најдобрите хармоникаши во светот, обезбедувајќи директно учество во офлајн финалето во Франција.
Светскиот трофеј, основан во 1951 година, е највисокото меѓународно музичко натпреварување за хармоникаши, кое секоја година се одржува во различна земја. Настанот обединува над 60 национални делегации од сите континенти, со учество на најдобрите солисти и ансамбли од целиот свет.

Натпреварот се одвива во три фази:
- Национални избори – што се одржуваат во сите земји членки на СМА.
- Онлајн натпревар, кој оваа година се одржа на 8 октомври, каде што музичари од целиот свет имаа можност виртуелно да настапат.
- Офлајн финале – во кое настапуваат најдобрите кандидати со оценка над 20/25, како и првите тројца од секоја земја.
Токму таму, во францускиот Монтаржис, професорот Кекеновски ќе се натпреварува рамо до рамо со најдобрите виртуози од светот.

„Станува збор за најсилниот и најреномираниот светски натпревар за хармоникаши. За мене е огромна чест што ќе ја претставувам Македонија на ова музичко натпреварување од највисок ранг“, изјави д-р Кекеновски по објавувањето на резултатите. Со својата уметничка посветеност и долгогодишна љубов кон хармониката, професорот уште еднаш докажува дека музиката нема граници – ниту по возраст, ниту по професија.
Д-р Јове Кекеновски е познат универзитетски професор по политички науки, но и вистински музички амбасадор кој со својата хармоника ја промовира македонската култура и традиција на светско ниво. Неговото учество на Светскиот трофеј е уште едно признание дека Македонија има свои претставници во највисоките музички кругови.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски