Почетна > Македонија > „Макфест“ со тридневен музички спектакл – Штип го слави 40-годишниот јубилеј

„Макфест“ со тридневен музички спектакл – Штип го слави 40-годишниот јубилеј

///
Comments are Off

Овој октомври, Штип повторно ќе биде центарот на македонската музика. На 23-ти, 24-ти и 25-ти октомври ќе се одржи јубилејното, 40-то издание на фестивалот „Макфест“, еден од најпрестижните и најтрајни музички фестивали во земјава.

По повод големиот јубилеј, годинава „Макфест“ ќе трае три дена – со посебна вечер посветена на најпознатите хитови од изминатите четири децении.

„Покрај вообичаените две – годинава ќе има и трета вечер, која ке биде вечер на познати хитови од „Макфест“. Песните не мора да се победнички, но песни од сите четири декади на фестивалот. На оваа ретро-макфестовска вечер гости ќе бидат: Тања Кочовска, „Силви бенд„, Питер Џон Босе, Владо Јаневски, Сашо Гигов – Гиш, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски – Џафер, Ламбе Алабакоски, Пајак и Лара и многу други познати изведувачи кои со своите песни го обележаа времето“, вели Јован Јованов, еден од организаторите на фестивалот.

Фестивалот и годинава е од ревијален карактер, а ќе биде доделена само награда за најслушана песна меѓу двата фестивала. Која ќе биде таа песна организаторот ќе открие на 15-ти октомври на прес-конференцијта, која ќе се одржи во Штип.

„На прес конференцијата ќе бидат најавени регуларните учесници. Од тогаш на социјалните мрежи ќе бидат пуштени рефрените од новите песни“, вели Јованов.

„На првата, дебитантска вечер ќе настапат 13 изведувачи, додека на втората, популарна вечер ќе настапат 14 изведувачи. Опфатени се сите жанрови и стилови на музика за да биде поинтересно за сите љубители на макфестовската музика, да може сите да уживаат и да си најдат свој фаворит. Едноставно музика за сите генерации“, вели уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов.

Како и секогаш, Домот на културата во Штип ќе биде домаќин на фестивалот, кој оваа година ќе добие уште поголемо визуелно и продукциско ниво.

„Фестивалот ќе изгледа достоен за јубилејот. Благодарност до градоначалникот Иван Јорданов и продуцентот од општина Александар Арсовски, кои несебично го поддржуваат фестивалот,“ додава Саздов.

Сите три фестивалски вечери ќе бидат пренесувани во живо на првиот програмски сервис на националанта телевизија, овозможувајќи им и на гледачите низ целата земја да уживаат во македонската песна и фестивалската магија.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Недела резервирана за македонска традиција: Нова епизода од „На Здравје“ во недела во 20 часот (Видео)
Фолк дивата Елена Јовческа во полн сјај: Нови песни, видеоспотови и концерти низ Европа (Фото)
Борче Наумовски – Министерот за естрада: Од скијачките патеки на Пелистер до голем концерт во Хераклеа (Фото)
Хитови, рефрени и изненадувања: „На Здравје“ и оваа недела со музика што се пее на глас – старт 20 часот на Балкан Мјузик ТВ (Видео)