„Кога ти си покрај мене, се во среќа претвораш” – вака гласи дел од текстот на најновата песна на познатиот битолски пејач Менде Куновски, која носи наслов „Мастило“.
„Мастило“ всушност е продолжение на приказната од неговата претходна песна „Празен календар“, која Куновски ја промовираше пред година дена…
Тој вели дека и покрај неколкуте промени и дилеми како да звучи оваа песна, тој е повеќе од задоволен од тоа како излегло на крајот.
„Јас сум презадоволен и среќен што сето ова на крајот излезе вака. Баш вака ја замислував и песната и спотот во мојата глава“ – вели тој.
Инаку текстот за оваа нова песна на Менде го напиша познатиот текстописец Борче Нечовски, музиката е дело на одличниот Суад Хусеин, додека пак аранжманот го направи Ташко Грујовски.
Факт е дека новата песна е создадена за сечиј вкус, а на прашањето дали е тешко да се пеат вакви емотивни песни, Менде открива:
„Повеќе е пријатно од тешко ,доколку тоа што го правиш навистина го сакаш. Напротив, тоа те исполнува, не те плаши“ – вели тој.
Куновски откри и дека сака да продолжи во овој правец со музиката, бидејќи ова е нешто што и тој самиот би сакал да го слуша.
Го прашавме и што очекува од оваа нова песна, дали би сакал да го повтори успехот како со „Празен календар“, а тој одговори:
„Дали ќе биде успешна како предходната, тоа не можеме да знаеме, тоа ќе го каже публиката“ – завршува познатиот битолчанец.
Да не должиме многу, слушнете ја новата песна на Менде, „Мастило“ и уживајте…