Си сакаме ние и гости надвор од музиката, од другите професии кои ни носат разноликост во емисијата и секако поблиско запознавање. Овој пат во студиото го имаме двократниот европски шампион во автомобилизам Игор Стефановски – Иџе. Како е возможно да се одржува кондиција во земја каде немаме патека за тркање и тренинг, ќе ни раскаже самиот Иџе од чии зборови ќе можете да ја прочитате неговата упорност и желба за уште поголеми успеси. Од Куманово пак ни доаѓа Сандра Милковска која секогаш е отворена, дирекна и сака да се забавува преку песната и дружбата. На почетокот ќе ја слушнеме со нејзината песна изведена на “Роса Фест 2020” со наслов “Ангелу мој”, која за неа ја напиша колегата Далибор Ѓошиќ – Даки. По неколкуте гостувања на наши познати хармоникаши, вистинско освежување ни носи третиот гостин Тимко Чичаковски со својот инструмент канон. Од него ќе слушнеме мала кратка историја за самиот инструмент кој мора да признаете дека буди прекрасни емоции кога ќе го слушнеме при самиот прв тон. И се разбира, ќе се пее, ќе се свири и ќе се забавува со игрите наменети за тоа.
Како дополнителни гости вечерва ги имаме Гордана Костоска од Прилеп и ориенталната танчерка Мерима Саитова. За прв пат во нашето студио харизматичната Мерима ќе им ги покаже основните чекори од танцот на Сандра и Горде. Како тие ќе се снајдат на ова поле и дали е лесно да се танцува онака лагодно како што изгледа, ќе мора да видите сами во нашиот стандарден термин во 20 часот на BalkanMusicTv…Тука е добитната екипа за добар звук и оргинални изведби – група “Молика” и Анета Мицевска. Ако сте расположени за музика во “голема количина” и забава онака “по нашки”, бидете вечерва со популарното музичко шоу “7/8” заедно со водителката Анита Даева….Ѓурѓовден – ден за песна и отворено срце…