Годината што измина сите на музички план ја замислуваа на поинаков начин, и се разбира успешен. Некои од нив така и ја започнаа, со настапи и песни кои публиката веднаш ги прифати со раширени раце. Тоа им се случи и на битолските “Фаворити” кои имаа забележителен настап на последниот “Гоце фест 2020” каде ја исполнија нумерата “Македонија на Македонците”. Веднаш потоа на тоа се надоврза и најавата дека екипата од оркестарот планира комплетен албум со песни посветени на нашата ни мила Македонија.
И сега на почетокот на оваа година време е повторно да се продолжи со неостварените желби, планови и нивно реализирање. Во соработка со “Арт студио” – продукција и BalkanMusicTv оркестарот “Фаворити” сними обработки на познати хитови од македонската фолк сцена како и два сплета на српски песни. Истите се одбрани од нивниот богат репертоар со кои тие располагаа на нивните настапи во живо, за кои искрено се надеваат дека во скоро време ќе продолжат. А дотогаш, нашата публика и гледачите можат да уживаат во досега сработеното и тоа што следува…само со одлична музика до одлично расположение!!!