Тоа што ќе ти го прошепоти самото срце, тоа најубаво можат да го изговорат само твоите усни…и ако на сето тоа се надоврзат и музичките звуци, можеш да раскажеш песна за љубовта, да го раскажеш говорот на срцето…
И покрај се, годината што изминува за Јуле Николовска е успешна за што најмногу се заслужни нејзиниот немирен дух, темперамент, упорност и се разбира подршката од семејството. Настапите на фестивалите се крунисаа со награди, малкуте концерти се збогатија со нови дружења и искуства, љубовта и посветеноста кон работата го “донесе на свет” двојното CD насловено како “Ангел на љубовта” и моќната “Голтка љубов” доби своја видео приказна. Комплетен автор на истата е самата Јуле, снимена е во студиото на Љупчо Соколовски (City sound), а видеото го реализира “Black magic Studio” на Никола Автовски. Дејството е сместено во пријатниот амбиент на “Green garden” во придружба на колегите од група “Арија”, Дарко Илиевски и пријатели – статисти кои заедно со впечатливите зборови и рефрени, одлично ни ја пренесуваат опуштената кафеанска атмосфера…место каде песната преку поблизок контакт со изведувачот добива на поголемо дејство врз сетилата.
Јуле Николовска со верба за подобра година која ни е на прагот, ни ветува и промоција на своето двојно CD составено од 16 авторски песни и насловено по валандовската “Ангел на љубовта”. Во меѓувреме, од сето она што ќе и го “шепне” срцето можеби во скоро време ќе се роди некоја нова композиција… љубов преточена во зборови…