Почетна > Македонија > Да не се заборават – Гоце Арнаудов…

Да не се заборават – Гоце Арнаудов…

///
Comments are Off

Гоце Арнаудов (19 август 1954 год, Струмица – 6 декември 2011 год. Франција) – популарен македонски пејач на фолклорна музика.

Еден од најпопуларните македонски фолк пејачи што во изминатиот период ни го дарила Струмица – Гоце Арнаудов, е роден во музичко семејство. Неговиот музички пат започнал уште на 10-на возраст во групата на татко му каде пее и свири на гитара. По средното образование ја формирал групата “Крик” со која настапувал низ цела поранешна Југославија. Во 1993 год. се враќа во Македонија и за кратко време со своите изведби ги придобива срцата на публиката и музичката критика. Веќе следната 1994 година настапува на “Фолк фест – Валандово” каде со впечатливата “Дали чекаш стара мајчице” ги освојува сите можни награди на фестивалот… песна која повеќе од 20 години е една од најомилените кај слушателите.

Во неговата импресивна биографија уште е запишано… дека има напишано над 200 песни (“Свири мајсторе”, “Ех да беше стрела песната”, “Ќе пијам ќе лумпувам”, “Штом ноќта помине”, “Твојот абер”, “Злато си ми ти”), учествувал на стотина фестивали од кои на преку 60-на има добиено прво место (само на “Фолк фест – Валандово” 22 награди), пет години во низа беше прогласуван за најпопуларна личност на Македонија, на фестивалот “Гоце фест” неколку пати ја освојува наградата за интерпретацијата “Никола Бадев”, познат по многу настапи на добротворни концерти како овде така и во Европа, Америка и Австралија.

Во 2000-та година успева во својата родна Струмица да направи концерт со 10 000 публика по што општината му врачува награда “Пејач на деценијата” и го прогласува за почесен граѓанин. Починува далеку од родното огниште во Франција каде што се лекуваше од рак.

Гоце Арнаудов беше посебен и единствен во многу нешта…по неговите страствени сценски настапи, по неговите многубројни хитови, по неговата впечатлива гардероба со која тој беше единствено свој, по испишаните бројни стихови полни со неизмерна љубов и топлина која се криеше во него и кои многупати како вулкан излегуваа на површина, а понекогаш тивко одѕвонуваа во нашите уши и сеуште одѕвонуваат…

“Штом ноќта помине и денот осамне,

од песок срца две ќе направам.

Во мојте куфери ќе скријам немири

и без да плачам ќе си заминам”…