Почетна > Македонија > Елена Андоновска со најава за својот втор “бисерен” албум…

Елена Андоновска со најава за својот втор “бисерен” албум…

///
Comments are Off

“Кој што ја чуе да пее”…ги чувствува истите “пеперутки” при секоја нејзина изведба, ги затвара очите и за момент се вивнува во бескрајни музички височини каде звукот на македонската традиционална песна ти ги насолзува очите и ти ја стега душата. Гласот на трепетен ѕвонец истовремено за момент ќе те заледи, а потоа во следниот миг ќе те растопи…и таму чиниш исто како во сцена од нејзиниот спот “Босо моме”, како самовила со расплетени коси, на цветна полјана и со кротка насмевка, се разлева гласот кој раскажува некоја дамнешна приказна, крикот на срцето…

На голема радост за сите љубители на овој вид на мелос, Елена Андоновска го најави почетокот на снимањето на нејзиниот втор солистички албум. Истиот се снима во студиото “Подрумот” кај Анѓел Ќосев (истовремено и продуцент), а аранжманите ги изработија Дарко Илиевски и Александар Јовевски. Албумот ќе содржи 10 македонски народни песни во етно стил кои овојпат ќе бидат збогатени и со звукот на специфичните канон, ут и зурла. Овој музички проект делумно е поддржан од Министерството за култура, а остатокот од сопствени средства кои според самата Елена не можат да бидат мерило со големата желба и љубов кон македонската музика, кон она што е нејзина ѕвезда водилка низ животот…

Како долгогодишен член на Ансамблот за народни игри и песни “Танец”, Елена заедно со своите колеги музичари и инструменталисти со својата врвна професионалност и посветеност кон работата успешно го негуваат битието на македонската песна…она што не прави посебни и различни од другите во светот. Во секој од нас постои делче во срцето кое се буди при допирот на звуците од изворната и традиционална песна, кога ќе ни ја пренесат оние кои се создадени за тоа, создадени да ја одржуваат нашата нишка на постоење.

На крајот да споменеме дека во соработка со фотографот Костадин Калошев, Елена Андоновска изработи и наменска фото сесија во која со сигурност ќе уживаме сите…затоа што музиката во комбинација со убавината секогаш ја носи и магијата на вечноста…