Секогаш кога ни гостуваат “ветерани” од македонската народна музичка сцена знаеме дека со нивното искуство имаат што да ни раскажат и пренесат, а со нивните музички изведби во живо повторно да изненадат. Еден од нив е и нашиот Ефто Пупиновски за кој секогаш важи предходно споменатото, особено кога станува збор за неговите интерпретации. Како за почеток Ефто одбра една своја нова нумера со наслов “Ти ме веселиш” за која самиот ги има напишано музиката и аранжманот. Од дамите ќе ни гостува нашата “во срце засекогаш македонка”, Индира Кастратовиќ која во далечната 1997 година беше прогласена за најдобар светски стрелец во женскиот ракомет. Во рубриката “Ако криеш – ќе пиеш” таа ќе ни открие зошто ја одбила фантастичната сума од 150 000 евра од страна на данскиот клуб “Виборг”. Иако нема да биде најспора во рубриката “10-те најбрзи”, таа во името на Ефто ќе си ја одработи задачата “по казна” и во придружба на групата “Молика” ќе ни ја запее омилената и песна “Јовано, Јованке”.
Третиот гостин за многумина ќе биде изненадување затоа што го нема подолго време на ТВ екраните. Но самиот тој ќе каже дека тоа никако не значи дека се откажал од својата голема љубов – музиката, иако работи како професор по биологија. За почеток ќе го слушнеме со неговата “Срце преполовено”, нумера од последниот албум издаден во 2019 година, а нема да го пуштиме да си оди пред да го исполни и неговиот голем и сеуште многу популарен хит “Како да ти речам мила”. Се на се, ова ќе биде вечер каде ќе се раскажува за многу убави спомени, поминати искуства и животни патишта, а сето тоа пропратено со многу музика.
Кога сме кај музиката, гостин со своето најново оро “Братски мерак” ќе ни биде веќе познатиот инструменталист Александар Ицов и охриѓанецот Милован Секуловски кој ќе го слушнеме со “Еј песно наша” од неговото прво цеде и за крај на емисијата, песна по избор од познатиот Наум Петрески. Како секогаш, расположени и распеани ќе бидат и нашите музички домаќини Анета и Јовица, а своја прва промоција ќе имаат и новите ударни инструменти или народно кажано “бубњеви” на Карма коj ќе дадат малку поинаков ритам и звук на испеаните композиции.
20 часот…BalkanMusicTv…музичко освежување за вечерните летни горештини…не пропуштајте!!!