Кога во 1973 година нашиот најпознат гајдаџија Пеце Атанасовски го основал “Долненскиот фестивал”, го направил тоа со претчувство дека младите ќе ги засакаат народните инструменти и песни…постарите пак ќе имаат доволно љубов и трпение да им го пренесат тоа на помладите. И самиот Пеце имаше големо влијание на сите кои слушајќи ја гајдата под неговите волшебни прсти посакаа да го следат во ритамот и разиграноста, како што се следат сите свои идоли во животот. По неговата смрт и во негова чест фестивалот се преименува во Фестивал на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски” за да се знае сега и засекогаш кој беше “таткото” на истиот. И тој самиот сигурно би бил горд на генерациите кои се раѓаат “задоени” со народните звуци и горди што еден ден имаат можност да настапат на фестивалот каде високо се воздигнуваат звуците на нашето постоење…
Оваа година поради пандемијата фестивалот наместо во јули се одржа на 28-ми и 29-ти август со запазување на протоколите за заштита на учесниците и на публиката. На истиот зедоа учество околу 120 изведувачи кои своите изведби ги прикажаа во две вечери, едните на камената бина на плоштадот “Александрија” во центарот на Прилеп и другите во амфитеатарот на Рудина кај Долнени, место познато како лулка на гајдаџиството. И ова 46-то издание беше збогатено со предавања во рамките на семинарот за изучување на народните инструменти и песни кои овојпат се одржаа преку видео презентации на ФБ страната на фестивалот. Во прилепскиот Центар за култура “Марко Цепенков” се одржа и научен симпозиум на тема “Фолклорот во минатото и денес”, а беше промовиран и вториот зборник со трудови на оваа тема. Во фоајето пак беше отворена изложба на традиционални предмети и носии од Прилепско…
Нашите музички пријатели ВИС “Аманет” настапија на првата фестивалска вечер и ја освоија “Гран При” наградата која со голема чест и задоволство ја примија од стручната комисија. Со тоа уште еднаш покажаа и докажаа дека се на вистинскиот пат да бидат најдобри во она што го работат и презентираат пред широката публика. Деветгодишниот Теодор Грујоски од Битола ги воодушеви присутните со својата музикалност и сплотеност со гајдата и нему му припадна наградата “Гајдата на Пеце”. И додека се средуваат впечатоците од овогодинешните две фестивалски вечери, ве оставаме во музички вртлог на шаренило од народни инструменти и звуци…само за вистинските уживатели на изворниот мелос…