Почетна > Ексклузивно > Успешна заедничка турнеја на македонскиот виртуоз Димитар Митровски со оркестарот на Бобан и Марко Марковиќ…

Успешна заедничка турнеја на македонскиот виртуоз Димитар Митровски со оркестарот на Бобан и Марко Марковиќ…

///
Comments are Off

Добриот глас надалеку се слуша…добриот инструмент ги буди сетилата на секој од нас…добриот инструменталиста секогаш знае како да ја освои публиката. Освен вродениот талент потребни се многу часови работа, творење и дружба со музиката кога таа е дел од твоето секојдневие. А публиката секогаш знае како да го препознае сето тоа и да те награди со добар збор, громогласен аплауз и желба повторно да те слушне и ужива во твоите изведби.

Сето ова го карактеризира и нашиот млад, успешен и веќе многу популарен хармоникаш Димитар Митровски кој изминатиов период ги живееше деновите полни со многу музика, патувања и возбудливи доживувања. Станува збор за една заедничка турнеја во Србија, Унгарија и Чешка со популарните балкански музичари Бобан и Марко Марковиќ и нивниот оркестар. За импресиите од оваа соработка побаравме збор-два од самиот Димитар кој сеуште е под импресии од целата турнеја…

-“Кога ме исконтактира Марко Марковиќ и се договоривме да се видиме лично, веднаш знаев дека го препознале моето творење и одлично владеење со хармониката. Имавме добра средба на која и двајцата заклучивме дека можеме успешно да соработуваме и дека сме си потребни еден на друг, просто да се надополниме. И после се можам да кажам дека тоа се покажа како одличен потег. За мене овие концерти претставуваат огромно задоволство, да се настапува со најдобриот оркестар на Бобан и Марко е голема желба на секој музичар. Бев на една прекрасна турнеја со целиот нивни бенд, поминавме незаборавни денови со многубројната и прекрасна публика секаде на нашите настапи. Бевме дел од најголемиот настан во Гуча каде имаше повеќе од 5 – 6 илјади луѓе, а посебни чувства ми предизвика и настапот во најпознатата синагога во Будимпешта каде бевме наградени од громогласен аплауз на 3000 присутни. Понекогаш тие чувства не можат да се опишат со зборови, тоа го знае секој изведувач и уметник кој што го почувствувал тоа на своја кожа. Во блиска иднина со Марко Марковиќ имаме план за заеднички албум кој потоа планираме да го промовираме низ целиот Балкан. Ова за мене ќе биде еден голем чекор напред надвор од нашите граници, сон на секој млад музичар кој сака да се докаже што подалеку и пошироко во музиката. Со Марко покрај себе и по прекрасната реакција на сите музичари во Србија, можам да си дозволам да кажам дека ме очекува една нова страница во мојот живот….затоа што “Целта на мојот живот не е кариерата туку контактот со луѓето, таа можност со нив да разменувам енергија. Сакам на сите околу мене да им влијаам позитивно…тоа е мојата мисија.“