Почетна > Ексклузивно > Ики Ирфан – Сиднеј со нова љубовна песна по мерак на легендарниот Мухарем Сербезовски…

Ики Ирфан – Сиднеј со нова љубовна песна по мерак на легендарниот Мухарем Сербезовски…

///
Comments are Off

Од далечна и секогаш музички расположена Австралија, ни доаѓа нов љубовен хит кој со сигурност ќе им се допадне на многумина веднаш по првото слушање. Најмногу за тоа е заслужен нашиот Ики Ирфан кој е самиот автор на музиката и текстот за својата нова песна насловена како “Јас без тебе”. Аранжманот го направи познатиот Игор Христов (“Биоритам”), а со своите инструменти посебна нота на нумерата и даваат Бурхан Буки на кларинет и Ален Рамчевски на гитара. По својот призвук и сентиментална нота песната по малку потсетува на златното време на музиката од 90-те години кога се нижеа безброј хитови по кеиф на публиката.

Дека музиката не познава граници, доказ се соработките на далечина кои не може никој и ништо да ги спречи. За видеото се погрижи Винце Панов кој освен живописните слики на Сиднеј ни го вметнал и љубовниот момент на песната комплетиран и до крај реализиран од страна на “Арт студио” – продукција. Да споменеме само дека во видео записот во делот на оркестарот освен Бурхан и Ален се појавуваат и Игор Христов (клавијатури) и Сашо Костовски (ударни инструменти).

Во далечната 1994 година музиката го однесе нашиот Ики Ирфан далеку во Австралија каде останал се до денес. Во текот на својата долгогодишна музичка кариера имал настапи во Сиднеј, Мелбурн и Перт понекогаш во комбинација и со најпознатите наши пејачи од македонската естрада како Благица Павловска, Благоја Грујовски, Ибро Лабунски, Марјан Коцев и други. Во својот богат репертоар освен на македонски јазик располага со песни и на српски, турски, грчки и ромски јазик што придонело за бројните турнеи, настапи и веселби еве веќе цели 25 години. Во краткиот разговор со нас Ики ја упати својата благодарност до сите учесници на овој негов музички проект со најава за уште една нова песна. Сепак на крајот најголемото задоволство му го подарил неговиот музички идол Мухарем Сербезовски со неговиот позитивен коментар за песната “Јас без тебе” што секако ќе биде негова уште поголема инспирација за песните што ќе се родат во блиска иднина.