Почетна > Македонија > Сузана Спасовска – магичната “Да сум бистра вода” во модерна руба…

Сузана Спасовска – магичната “Да сум бистра вода” во модерна руба…

///
Comments are Off

Има гласови од кои за миг застануваат стрелките на часовникот, течението на реката, летот на птиците, дишењето на човекот. Има еден глас кој долги години ги маѓепсува сите четири страни на светот штом ја запее “Јано севдалино”, “Параходот”, “Ајде сонце зајде”. Со право легендарната Васка Илиева и го остави аманетот да ја разлева македонската народна песна секаде каде ќе зачекори и еве до ден денешен таа успешно го исполнува тоа. Со музичка кариера на која може секој да и позавиди, сеуште со голема енергија за нови височини, таа ни докажува дека со годините и зрелоста може секогаш да се даде уште повеќе, а со својот глас да ја “сееш” среќата меѓу луѓето…гласот на Сузана Спасовска…

Се повеќе на нејзините настапи публиката може да ја чуе безвременската “Да сум бистра вода” која полека како да заживува меѓу народот и добива на поголемо значение. Особено на настапите со ансамблот “Танец” каде Сузе е веќе седум години солист првенец со што уште повеќе го зајакна и збогати тоа наше големо “семејство”. Но младешкиот жар што постојано тлее во неа таа реши да го искористи и во една друга димензија, па со нејзиниот долгогодишен соработник и пријател Сашо Ливрински ја облекоа “Да сум бистра вода” во една нова модерна “облека”. Со помош на Љупчо Павловски (Анастасија), Бобан Василески (соло гитара) и видео концептот за аудиото (DVisualArt), песната се збогати со моќност, разновидност и јачина, а низ сето тоа сепак ни одѕвонува нежниот вокал на Сузе. На тој начин е задржана основната линија на нумерата која со додавањето на модерен звук ќе биде прифатлива за помладата публика, но и надвор од границите. Истовремено размислува и за видео запис кој сака добро да го осмисли и реализира за да се разликува од другите, како што е впрочем и самата таа…

Сузана Спасовска е посебна по многу нешта…учествува во сите проекти рамноправно со своите соработници и целосно се посветува на нив, долги години неуморно работи на својата богата музичка кариера која е за целосен респект, единствена е на Балканот по својата музичка монографија во дигитален формат со сите признанија, слики, песни и ЦД-а издадени до тој момент, по љубовта кон кинеската музика во која исто така одлично се снаоѓа…

За себе ќе рече:”Песната е мојот живот. Кога пеам на кинески се чувствувам како оперска пејачка (мојата неостварена желба), но ти благодарам Боже што ми даде да пеам и македонска песна, за да се чувствувам жива и благословена!!!”

Ти благодариме и ние, твоите обожаватели…