Вообичаено секоја Нова година сакаме да уживаме и да се веселиме со музиката на оние кои со своите инструменти не подигаат “од земјата”, како на пример со музиката на Џамбо Агушев и неговиот оркестар. И мора да признаете дека никој не останува рамнодушен уште со почетокот на првите тактови, како на оние традиционалните така и на оние со помодерен звук по кои овој оркестар стана мега популарен. Новогодишните празници исто така се секогаш повод и за промоција на нешто ново, ем да се збогатат деновите со многу музика, ем како добар знак дека годината ќе биде плодна на музички план…како што отсекогаш било со “Џамбо Агушеви” – оркестар.
Денес на овој празничен ден Божиќ нашиот Џамбо најавува претставување на својата нова музичка нумера “Оро Криминал”. Промоцијата е закажана за (16:00), време кога семејството е собрано околу софрата и вообичаено за празниците ужива со добра музика. Истото се снимаше во соработка со “Арт студио” – продукција, секако со најава за уште неколку други весели нумери со разигран ритам. Сега за сега, публиката имаше можност предновогодишно да ја слушне “Number One” на Сефер Османов во придружба на оркестарот на Џамбо Агушев. Во песната се опишува љубовта кон синот, песна полна со емоции со кои е препознатлив ромскиот мелос.
По тешката година во која оркестарот на Џамбо Агушев мораше да ги откаже своите многубројни концерти по целиот свет, вербата сеуште постои…дека повторно ќе се тргне по недогледните патишта за да се слушне ритамот што обзема, звукот на трубата која под прстите на Џамбо ја раскажува наговата приказна и приказната на својот народ…