Во нашата богата музичка историја која никогаш не смееме да ја заборавиме, засекогаш ќе биде запишано дека имавме чест и задоволство да живееме, твориме и уживаме покрај нашиот голем виолинист, музички виртуоз и професор Зоран Џорлев….и пред се голем човек кој со својата скромност и добрина беше и ќе остане достоен пример за помладата генерација.
Роден е во Струмица на 10 јануари 1967 година во семејството на познатиот композитор на народна музика и водач на оркестар Наско Џорлев. Уште во раното детство започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано затоа што „немал предиспозиции за виолина“.
Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Во неговата богата музичка кариера тој ќе остане запаметен по неговите обработки и изведување на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез и етно теми. Работел како професор по виолина, директор на ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” и во периодот од 2011 год. до 2017 год. како директор на ансамблот за народни игри и песни “Танец”.
Зоран Џорлев ќе остане запаметен во меморијата на сите негови соработници и срцата на сите негови ученици и колеги кои имаа среќа да растат, чест да творат и изведуваат свои нумери заедно со најпозната и “опојна” македонска виолина…запаметен заедно со неговата вечна насмевка…