Почетна > Македонија > “Запеало славеј пиле” на Елена Андоновска и годината нова може да започне…

“Запеало славеј пиле” на Елена Андоновска и годината нова може да започне…

///
Comments are Off

…Запеало славеј пиле на багремот под пенџери,

го разбуди малој моме уплакана, нажалена…

За себе вели “заспивав и се будев со македонската изворна песна” и еве истата таа, сеуште со години е длабоко вкоренета во неа. А таа со полно срце, со целото свое битие успешно ја впива, исполнува и подарува на публиката…овде и насекаде по светот заедно со своите колеги од амсамблот “Танец”. Нескротената енергија ја троши на постојано создавање и еве на крајот од годината ни го подари својот втор солистички албум насловен како “Запеало славеј пиле”.

Истиот се снимаше во студиото “Подрумот” кај Анѓел Ќосев кој е истовремено и продуцент. Албумот содржи 10 македонски народни песни во етно стил кои овојпат се облагородени со нови музички аранмани од страна на Дарко Илиевски и Александар Јовевски. Во неговата подготовка и реализација учествуваа многу колеги и пријатели на Елена кои со својот музички придонес ни подарија проект за вистинско уживање…Марјан Андоновски, Дарко Ничевски, Момчило Митровски, Илија Филиповски, Филип Николовски, Филип Михајлоски, Оливер Настовски Батка, Андреј Трајковски, Горан Гешовски, Зоран Костадиновски, Фросина Мариноска, Мартина Костова, Костадин Коки Петрушев, Костадин Калошев, Никола Николовски и Габриела Стевковска. Проектот беше делумно подржан и од Министерството за култура за што Елена упати голема благодарност.

Ако сте љубители на македонската традиционална песна, овој албум на Елена Андоновска ќе биде вистински подарок за сите ваши сетила. На вас останува само да уживате и патувате…со срцето, мислите и благословот дека сме НИЕ тие кои можеме и планини “да поместиме” со ваквата песна…