Почетна > Македонија > Елена Наумова повторно во Америка се закити со престижна музичка награда…

Елена Наумова повторно во Америка се закити со престижна музичка награда…

///
Comments are Off

…“Утрото за родителот и не може да биде поубаво, кога твоето дете на еден од најреномираните меѓународни натпревари во Канада во конкуренција од преку 300 учесници од цел свет ќе се закити со 1 (прво) место во нејзината категорија. Честитки срце татино, браво гордост наша, гордо да чекориш по патот на успехот…МОЈАТА ЗАМЕНА!…ова се зборови на таткото Лазар Наумов кои тој ги напиша за својата ќерка Елена, по нејзиното учество на интернационалниот музички натпревар “Rocky Mountain music competition” во Канада и освоеното прво место во 2021 година, како и втората награда на “International youth music competition” (IYMC) во Америка. И сосема оправдано, таа не застана во својот поход за нови докажувања и освојувања на музички план.

Оваа година Елена Наумова повторно се закити со нова награда за која и овој пат најголема подршка и љубов доби од своето семејство, но и од оние кои ја познаваат пошироко. Сега веќе релаксирана, “oлеснета” и секогаш со широка насмевка, младата Елена ни раскажа за сите подготовки и самото учество…..”Имав покана од Канада да настапувам во Торонто, а потоа стигна и покана за да настапам во Њујорк. Поради тоа што требаше сама да ги сносам трошоците околу патувањето, сместувањето и визата, побарав помош од МОН бидејќи со самиот мој настап јас ја претставувам и Македонија. Тие побараа да им ги доставам написмено со докази сите мои покани и дипломи, што јас уредно го сторив. И покрај се, тие останаа неми за моите барања што потоа ме принуди сама да се снаоѓам. Едноставно се одлучив за полесната варијанта, а тоа е Америка каде за среќа имам роднини кои ми понудија сместување и подмирување на трошоците за патување. За тоа сакам да им ја искажам сета моја благодарност бидејќи на тој начин ми овозможија да ми се исполни сонот да ја видам Америка и таму да ја претставам Македонија. Престојот од три недели ми помина како во еден ден, таму има навистина преубави места за посета, но мојата енергија и внимание најмногу беа посветени кон самиот натпревар. Мило ми беше што можев да настапам и со свирење и со пеење на песната со која се натпреварував, само по заслуга на часовите дома од страна на татко ми, што придонесе тоа да ме оддели од сите останати учесници на рециталот. Сите оние кои пееја си имаа своја придружба или професор кои ги прати на клавир, а рециталот се одвиваше во “The Di Menna Center of Classical Music” во Њујорк. Дадов се од себе да ја оттргнам тремата и да покажам што можам за само 3-4 минути. Навистина ми е мило што имав таква прилика да ја претставам мојата држава и да стекнам нови пријателства низ Америка. Исто така ми беше чест и задоволство што таму се запознав и настапував со познатите Гоце Петрески и “Трио бенд”. На крајот сакам да упатам голема благодарност и за професорката по клавир м-р Марија Максимова, која ме информираше и ме упати да се пријавам на натпреварите. И да, Њујорк навистина е бетонска џунгла каде соништата се остваруваат”…

…”Нашето македонско девојче Елена Наумова, браво гордост наша, да продолжиш да го претставуваш нашиот Штип и нашата преубава Македонија во најдобро светло и гордо да чекориш по патот на успехот, бидејќи ти го заслужуваш тоа.” – и овој пат се огласи тато Лазар со топли зборови и многу љубов….и секако, тука се и нашите желби за уште многу други, нови музички подвизи и победи на младата Елена.