Почетна > Македонија > Достоен дом за најдобрите – Ансамбл “Танец”…

Достоен дом за најдобрите – Ансамбл “Танец”…

///
Comments are Off

Ако сте љубител на македонската традиционална музика и симпатизер на ансамблот “Танец”, тогаш сигурно ве радува секој нивни успех. А успеси не се само концертите, учествата на фестивали, признанијата, пофалбите, овациите, туку и борбата за подобри услови за работа и напредок во се она што е важен предуслов на сето она што следи и се гледа на крајот. За да се закачат сите признанија собрани од целиот свет во текот на долгите години постоење, потребни се ѕидови во недоглед кои ќе ја раскажуваат приказната на сите оние што ќе застанат пред нив…вистинска приказна за многубројни настани, генерации, патувања, освојувања, ракоплескања…за оние кои 70 години не прават горди насекаде каде и да отидат, за оние кои вистински постојат и ете за среќа се наши отсекогаш, сега и засекогаш…

Во изминатиот период раководството на “Танец” интезивно работеше на обемен елаборат со кој се нуди трајно решение за нов поголем, современ и функционален објект, објект достоен за еден вид на ваква установа. На иницијатива на директорот Мартин Вучиќ, на 72-та владина седница беше разгледано и одобрено поднесеното барање на институцијата за ново урбанистичко – архитектонско решение за нов дом на една од најстарите културни институции во државата. Во периодот што следи Министерството за култура, ќе треба да предложи соодветно решение за овој повеќегодишен проблем на ансамблот, по што тој ќе добие нова сала и соодветни услови за работа и одржување на концерти. Сала во која еден ден повторно ќе се собираат сите нивни многубројни уживатели на македонската традиционална музика, каде ќе грми тапанот и зурлата, ќе се орат песните до височините и ќе се разлева орото до недоглед, со сите живописни носии, чекори и насмевки….како што знаат само тие…Ансамблот за македонски народни игри и песни “Танец”…