Почетна > Македонија > Да не се заборават – Александар Сариевски…

Да не се заборават – Александар Сариевски…

///
Comments are Off

Александар Сариевски ( 20 јуни 1922 год. Галичник – 19 декември 2002 год.) – македонски пејач на македонска народна музика и композитор на новосоздадени фолклорни песни…

Како дете со душа чекав да ја слушнам хумористичната ”Зајко кокорајко” во изведба на познатиот Александар Сариевски…ем поради должината на песната, ем поради неговиот мек и специфичен глас кои ги реди зборовите во низа, ем поради веселиот текст и мелодија. Едноставно целата песна ми доаѓаше како раскажување на една приказна, што всушност и беше. Но што да се каже за некого кој ја напишал антологиската “Зајди, зајди јасно сонце”, песна која ниту по зборовите, ниту по величината никогаш нема да се повтори. Тоа е песна по која светот не препознава како чист по душа, напатен и чувствителен народ, народ кој преку музиката знае да каже многу, да пружи многу и да покаже невидени емоции…

Александар Сариевски е роден во Галичник, а средното образование го завршил во Скопје каде започнал да свири и на хармоника. Својата пејачка кариера ја започнал во далечната 1946 год. кога во Македонското радио ја снимил песната “А бре невесто око калешо”. Потоа во неговиот репертоар ќе се наредат многубројни песни: “Зајди, зајди јасно сонце”, чиј комплетен автор е самиот тој, “Учи ме мајко, карај ме”, “Море сокол пие”, “Дејгиди луди млади години”, “Јовано, Јованке”, “Абер дојде Донке”, “Зајко кокорајко”, “Сулејман седи на кула” и многу, многу други. Во своите песни тој најмногу ги опевал родниот Галичник, печалбарството, невозвратената љубов, но бил познат и по многуте хумористични песни. Се на се, Александар Сариевски со својот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. Истовремено тој е познат и како еден од основачите на ансамблот “Танец”, нашиот најголем музички амбасадор низ светот….

И на крајот, што да се каже за овој наш голем музички доајен, освен дека тој чекорејќи низ животот, низ своите песни ја раскажа приказната за Галичник, ја вивна во височините македонската песна и остана доследен во докажувањето за постоењето на својот народ, народ кој сеуште со душа и срце ги пее неговите бесмртни песни…