Почетна > Македонија > Да не се заборават – Вања Лазарова…

Да не се заборават – Вања Лазарова…

///
Comments are Off

Вања Лазарова-Димитрова (27 април 1930 год. во с. Страцин, Кратовско – 12 март 2017 год. во Скопје) — македонска пејачка на изворни народни песни и доајен на македонската народна музика.

“Со маки сум се родила” – нејзина песна симбол која со самите први тонови и тешки зборови никого не остава рамнодушен…песна која со истата тежина нашата Вања ја пееше на секој нејзин настап, а ги имаше безброј во текот на својот живот. Вања Лазарова е родена во музички надарено семејство. По завршувањето на учителското училиште, станала играорка во „Танец“. Подоцна била учителка во оркестарот „Пеце Атанасовски“ каде на своите ученици им ја пренесувала љубовта кон музиката.

Вања има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во продукцијата на МТВ. Има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти. Пеела во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета II и премиерот Винстон Черчил. Посебен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ при создавањето на музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Нејзиниот вокал е особено податлив за синтезите во етномузиката.

Вања Лазарова пеела со различни фолклорни ансамбли. Била член на ансамблот на Македонската радио-телевизија, а има настапувано и со Македонската филхармонија. Таа е првата македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи Poligram и Philips. Добитник е на повеќе меѓународни музички награди. Продуцентската куќа „Трето уво“ ги издаде нејзините први три албуми: „Македонски традиционални љубовни песни“ – кој е дистрибуиран во Европа, Америка и Јапонија, „Ритмистика“ — во соработка со водечки македонски музички имиња и „Лулка“ – во соработка со американскиот гитарист Мирослав Тадиќ. Нејзиниот последен албум „Генофонија“ е во соработка со групата “Нав”.

„Со маки сум се родила“, „Петро Петроленко“, “Многу ми го фалат бабо“, „Параходот ми замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Во ливаѓе ладен извор има“ се само некои од песните кои таа ги има отпеано и снимено во текот на својата долгогодишна и богата кариера. Вања Лазарова е добитник и на наградата “11 Октомври” за култура и уметност во 2014 година.

“Кога се пее изворна песна, тука нема одредени правила. Треба да се пее со душа и од целото срце, треба да се чувствува мелодијата и текстот” – Вања Лазарова….НЕКА И Е ВЕЧЕН СПОМЕНОТ!