Како и секоја недела, традицијата продолжува на добро познатата фреквенција на Балкан Мјузик телевизија, каде што емисијата „На Здравје“ четврта сезона по ред носи радост и музичка магија во домовите.
Овој пат вечерта започна со виртуозното свирење на Александар Ицов, кој со својата хармоника го крена расположението со изведбата на познатото македонско оро „Везена деветка“. Музиката, како лек за душата, ги обедини сите пред малите екрани.
Добредојде уште еднаш ни посака домаќинот Орде Неделковски заедно со Група Круна, а сцената на „На Здравје“ продолжи да пулсира во живо со настапите на врвни македонски музичари. Александар Мишковски ја донесе емотивната „Жал за Деспина“, а Катерина Брезева со веселата „Абре газда Стојане“ внесе дополнителна живост.
Посебен момент од вечерта беше премиерната промоција на новата песна на Кристина и Слободан Трајанови – „Ќерката ни порасна“. Како што објасни Слободан за нашата емисија, видеоспотот е снимен во Солун, инспирирана од плажите и плоштадите на овој прекрасен град.
„Ако со Венеција ја раскажавме љубовта, со Солун ја славиме радоста и растењето на нашите ќерки“, рече Слободан, потенцирајќи дека видеоспотот е дело на врвната Арт Студио продукција и дека позитивните реакции не изостануваат. Кристина пак искрено го сподели своето задоволство од снимањето, опишувајќи го како „пријатно и исполнето искуство покрај плажите и улиците на Солун“.
Во видеоспотот учествуваат и нивни пријатели и соработници, меѓу кои стилистите Ана Марија и Филип, како и членовите на групата Крешендо со кои Трајанови активно настапуваат.

По промоцијата, музичкото дружење продолжи со настапот на група Маестрал и нивната „Крај мене помина“, потоа со Татијана Стефановска и безвременската „Стамболград“. Следуваше позитивната Лени Партикова со „Мангава Тут“, а домаќинот Орде Неделковски заедно со Група Круна ја изведе „Царот неготински“.
Група Модерато ја разигра сцената со „Запејте браќа“, а вистинско емотивно затворање донесе Анета Љумаковска со легендарната „Никој ме нема така љубено“. Вечерта заврши во весел тон со македонско оро изведено од Група Круна.
Со многу музика, радост и убава енергија, „На Здравје“ и оваа недела докажа дека македонската песна е вечна. Следната недела, истиот термин, истата фрекфенција – ви ветуваме нови емоции и нови музички доживувања.
До тогаш, На Здравје!