Почетна > Македонија > Заврши големата и успешна Австралиска турнеја на Борче Наумовски (Министерот за естрада) и неговите музички соработници (Фото)

Заврши големата и успешна Австралиска турнеја на Борче Наумовски (Министерот за естрада) и неговите музички соработници (Фото)

///
Comments are Off

Австралија оваа пролет блескаше во боите на македонската традиција и музика благодарение на големата турнеја на Борче Наумовски, попознат како Министерот за естрада. Заедно со своите врвни соработници – Анета Арсовска, Гоце Петрески – Бананата, Маестро Кирил Стојчевски и Стивен Стојчевски, тие за седум интензивни недели одржаа вкупно 12 музички настани, кои вклучуваа концерти, кафеански вечери и дружења под мотото Balkan Night Party.

Организирани од црквата Св. Недела од Gold Coast и Илинден од Сиднеј, настаните беа срцево доживување за илјадници Македонци кои со носталгија ја дочекуваат секоја прилика за блискост со татковината преку музика.

„Не бевме преполни, но секаде бевме солидни, а неколку концерти однапред веќе беа продадени“, искрено вели Министерот во изјава за Балкан Мјузик Телевизија, додавајќи:

„Имавме совршен помин и преубави моменти. Засекогаш ќе ја паметам оваа турнеја како една од најуспешните“.

Клучот на успехот, според Борче, е токму тимот – музичари и пријатели со кои дели подеднаква страст за македонската музика. Посебно ги истакна својот брат Кирил Стојчевски, врвен музички уметник, како и Гоце Бананата, долгогодишен сценски партнер. За Анета Арсовска, со која често споделуваат сцена, рече дека „заедно дадовме сè од себе да ги задоволиме апетитите на нашинците ширум Австралија“.

Оваа турнеја, како што подвлече, иако траела само 7 недели, била исклучително динамична и напорна, со патувања речиси секој ден. Но, заморот исчезнувал во мигот кога ќе се чуеа првите акорди и ќе почнеа песната и ората. „Со песна и оро, дури и уморот се заборава. Тоа е силата на македонската песна“.

Борче испрати длабока благодарност до сите организатори и поддржувачи, како и до публиката што ги следеше насекаде, велејќи: „Ние не носиме само музика. Ние ја носиме Македонија“. Тој се заблагодари и на сите ново стекнати пријатели, нагласувајќи:

„Живи и здрави нека се сите наши луѓе во Австралија – до следното големо дружење“.

Во време кога културната врска со дијаспората е поважна од кога било, турнејата на Борче Наумовски и неговиот тим претставува пример како се чува, негува и пренесува македонскиот идентитет преку музика. Австралија не само што ја слушна Македонија – таа ја почувствува.

Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик телевизија

Може да ви се допаѓа и
На 19 јули во Охрид: Најдоброто од Игор Џамбазов на голем концерт на „Антички театар“ (Фото)
Заврши големата и успешна Австралиска турнеја на Борче Наумовски (Министерот за естрада) и неговите музички соработници (Фото)
И оваа вечер нека биде „На Здравје“ – Вечер исполнета со музика, емоции и искрени моменти (Видео)
Успешно одржано првото издание на „Фолк Фест Владимирово“ (Фото)